Воспитување

Детството не е само период од животот, тоа е коренот на личноста која ќе станеме во иднина

Денес е Меѓународен ден на децата. Не само на децата во нашиот дом, туку и на оние низ целиот свет. На децата од соседите, децата од улицата, па дури и на оние што живеат во места опфатени со војна.

Децата се најубавото нешто што му се случило на светот, најубавиот подарок што можат да го добијат родителите и, секако, тие се оние мали суштества што ја разигруваат секоја куќа.
Не е погрешно ако децата се наречат незрели личности, ако ги дефинираме како човечки суштества во раниот период од својот живот (од раѓање до пубертет) или, пак, момче или девојче во рана возраст.

Погрешно е ако децата не ги почитуваме, ако не им обрнуваме внимание.

Детето, како личност, се гради уште од најмала возраст.
Детството не е само период од животот, детството е коренот на личноста која ќе станеме во иднина, го гради нашиот карактер.
Детето не е дете за пофалба само кога ќе ги изврши задачите навреме, или кога ќе добие петка на училиште. Детето се сака и кога ќе ја изеде цела чоколада без дозвола, кога ќе ја преплави собата со играчки, кога не можете да го соберете дома во летните часови, кога не излегува од вода додека сте на одмор, па дури и тогаш кога ќе ја скрши омилената вазна во домот.

Тогаш треба најмногу да се сакаат, бидејќи тогаш им е најпотребна нашата љубов.

Тие се свесни што ги прави среќни нивните родители, но понекогаш имаат потреба да ги направат работите кои не им се омилени на нивните родители. И токму тогаш, без викање, на смирен начин треба да им се објасни на децата зошто тоа не е добро за нив бидејќи тие не ги разбираат работите кога им се обраќаме со нервоза. Децата тогаш се запознаваат со стравот, кој им станува најголем непријател во животот.
Ако на детето, додека сѐ уште е мало, му се обраќаме на висок тон или го караме секогаш кога ќе биде немирно, тоа ќе порасне во плашливо дете, повлечено во себе.

Исто така, велат дека децата се огледало на родителите, и целосно ја поддржувам оваа реченица бидејќи децата се добри имитатори и однесувањето на родителите го пренесуваат на околината или на другарчињата.
Ова го имаат потврдено и многу научни истражувања во областа на децата и родителите.
Кога стануваме возрасни, секогаш ги критикуваме децата. Им викаме кога прават врева пред зграда, ги казнуваме кога нештата не се одвиваат по нашата замисла, а често ги лечиме фрустрациите врз нив и не сакаме да ги разбереме.

Од методите за родителство, сигурна сум дека на децата омилени им се оние кога родителите си играат со нив, им читаат приказни или заедно го гледаат омилениот цртан или, пак, внимателно ги слушаат нивните проблеми, без разлика колку и да се едноставни за родителот.
Да се биде родител е тешко, но да се биде дете во свет каде што никој не те разбира, е уште потешко.

Децата растат во свет каде што никој не ги разбира, ретко кој ги поддржува и им обрнува внимание.

Растат во свет каде што се ограничувани и не можат да си го доживеат детството на вистински начин, од различни причини.

Денес е Меѓународен ден на децата. Не само на децата во нашиот дом, туку и на оние низ целиот свет. На децата од соседите, децата од улицата, па дури и на оние што живеат во места опфатени со војна.
Треба да се потсетиме дека и децата имаат права (кои најчесто се потопени од правата на возрасните), не треба да заборавиме дека децата се иднината која од нас зависи, иднина за која ние ќе бидеме одговорни, деца поради кои ние ќе бидеме почитувани или осудувани за нивните одлуки, бидејќи ние така сме ги воспитале.

Како и возрасните, така и децата треба да се почитуваат, бидејќи тие не знаат да лажат, да навредат, да осудуваат.
Тие се единствените невини суштества на земјава. Сакајте ги своите деца, за кога тие ќе станат возрасни, да ви ја дадат детската љубов од нивното детство.

Автор: Даница Среткоска, средношколка

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top