Ако детето постојано бара да оди во казино, сите родители би биле загрижени, но кога децата константно бараат и сакаат телефон или цртани, родителите не го сфаќаат тоа како слична зависност. Родителите во мир ручаат, пијат кафе, се дружат, работат, средуваат, готват, читаат весници или, исто така, гледаат во телефоните…

Не би било страшно ако родителите си „купат“ половина час мир, но ситуацијата е многу пострашна. Секој конфликт, секоја непријатност, секој залак… се сервира со полусвесна состојба на детето бидејќи тука е шарениот телефон. Тоа е чиста измама за детето, ако мене ме прашувате.

Многу родители им дале на бебињата или на постарите деца телефони и со тоа притиснале „стоп“ на развојот на своите деца, на создавање незаборавни спомени, стекнување нови искуства и го преселиле нивниот ум во виртуелен свет каде што децата се неми набљудувачи.

Кога ќе се свртам наназад, недвосмислено сфаќам дека како остварување на сите мои желби, мост ми беше моќта на комуникацијата и сфаќањето на меѓучовечките односи. Друга мајка на мудроста што ја уочувам е трпението. Ништо без трпение. Беше тоа тешка лекција за мене. Трета, без која не се може во ниту едно општество, е компромисот. Без компромис нема брак, кумство, ниту професионална соработка.

Старите велат: „Да ги имам твоите години, а ова искуство, би знаел како да го искористам животот“, но секоја генерација има свое искуство и врз него гради иднина. Се прашувам, што ќе се случи со децата кои немаат искуство без телефон како места за собирање на врсниците, па може да се каже дека „годините минуваат, а искуство нема“.

Четврта и петта кралица на успехот се волјата и упорноста. Дури и ако си бил прв во редот за некој талент, без волја и упорност „можеш да се сликаш“. Исто е и со образованието, започнувањето бизнис… А упорноста и волјата незабележливо се градат низ детството. Или со површните уживања, кои ги овозможува модерната технологија, речиси целосно се блокираат.

Дали тие деца се подготвени за користење на слободното време без стимулација отстрана? Дали можат да ја поднесат непријатноста од досадата? Познато е дека досадата на децата им носи креативност и имагинација. Токму тоа се шестата и седмата блокада на мојата листа.

Проблемот се видот, грбот, виртуелниот свет и виртуелниот идентитет… но најголем проблем, по мое мислење, е што детството поминува покрај тие неподвижни, мирни, молчаливи личности во развој. Проблемот е во пропуштањето. Пропуштањето на детството и животот, кои немаат реприза.

Се прашувам, што би се случило ако одеднаш децата останат без телефони? Дали се способни да седат пристојно и да вечераат на седум години (или ги пропуштиле тие лекции)? Дали умеат да играат подолго од половина час? Дали се познаваат себеси: А ги познавате ли вие вашите деца во реалниот свет? Дали го почувствувале животот или само вештачкиот свет на стимулација?

И ги прашувам сега родителите гласно: Дали би им дале лекови, кои исто така ги смируваат, за да не ви пречат, да молчат и несвесно да голтаат храна, ништо да не бараат и никогаш да не им е досадно, да не им треба друштво, контакт со вас… ништо да не им треба освен тие магични лекови? Се надевам дека ви звучи страшно, бидејќи одговорот е „не“. Но, можеби сте направиле многу слична работа. Сте ги спречиле животот и развојот на своите деца само заради моментален мир.

Наместо да бидат главните и најактивните јунаци на сопствениот живот, децата станаа неподвижни и молчаливи набљудувачи, без никакви дополнителни желби.

Еееј, што сѐ пропуштаат тие деца! Не се тие виновни и баш ми е жал за нив.

Автор: Снежана Голиќ, педагог



912

X