Воспитување

Детскиот развој не е трка со времето

Денес, родителите имаат пристап до огромен број информации за детскиот развој. Со само неколку пребарувања можат да најдат развојни табели, совети и различни искуства. Тоа е корисно, но истовремено често создава и непотребна загриженост и чувство дека развојот мора да се вклопи во строго одредени временски рамки.

Во практика сè почесто се среќавам со родители кои се вознемирени затоа што нивното дете не достигнало одредена вештина во периодот што го прочитале на интернет. Особено кај говорот, и најмало отстапување знае да поттикне споредување и брза реакција, иако тоа не секогаш е оправдано.

Важно е да се има предвид дека развојните табели се само насоки. Тие опишуваат просечни развојни текови, но не и строги правила што важат еднакво за секое дете. Развојот е индивидуален процес и природно е децата да напредуваат со различно темпо.

Кога родителот е изложен на постојани информации, споредби и очекувања, лесно може да се создаде внатрешен притисок. Тој притисок често несвесно се пренесува и во односот со детето, преку забрзани очекувања или чувство дека мора веднаш да се реагира. Така, наместо мирно следење на развојот, се создава атмосфера на брзање и грижа.

Затоа е важно да се прави јасна разлика помеѓу навремена стручна процена и реакција водена од страв. Раната интервенција има голема вредност кога постои реална потреба и јасна индикација, но не секое отстапување значи дека веднаш е неопходен третман.

Кај одредени аспекти од говорниот развој, како што се поединечни гласови, е сосема нормално тие да се развиваат подоцна. Во такви случаи непотребното вклучување во повеќе терапии може повеќе да оптовари отколку да помогне, и кај детето и кај семејството.

Суштината е во балансиран пристап – внимателно следење, стручно проценување кога е потребно и давање време таму каде што развојот се одвива во свој ритам. Најдобра поддршка за детето е средина без притисок, со охрабрување и разбирање.

Интернетот може да понуди информации, но не може да ја замени стручната процена која го гледа детето во целина – неговата игра, комуникација, социјален развој и континуиран напредок.

Детскиот развој не е трка со времето, туку процес со индивидуален пат и темпо.

Автор: Александра Сабрас Апостолова, дипл. дефектолог

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top