Децата во Македонија најмногу страдаат од воспитување преку насилство, во споредба со земјите од регионот. Ова е една од поентите изложени денеска во Скопје на регионалната средба за заштита на правата на децата на која учествуваат претставници од Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Турција и од Косово.

– Состојбата во Македонија покажува дека ние создаваме насилство. Во семејството, уште од најмала возраст создаваме насилно однесување. Така нашите деца ги учиме на насилство – вели Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика.

Регионалната средба ја организира УНИЦЕФ со финансиска поддршка од Европската Унија. Учесниците денеска и утре ќе разговараат за напредокот преку регионалната акција, за поуките и иницијативите што можат да станат модели кои понатаму ќе се имплементираат и во системите на другите земји, за стратегиите за решавање на проблемите.

Царовска вели дека можен излез е мултиресорски пристап за превенција, заштита и реакција во случај на насилство преку препознавање на насилството врз децата, за институциите да го детектираат и да реагираат.

Според Бенџамин Перкс од УНИЦЕФ, проблемот со насилството врз децата е глобален, но земјите од ЕУ веќе имаат развиено модел кој дава резултати и би било добро да биде применет и во регионот.



912

X