Децата учат за финансиите многу повеќе гледајќи ги своите родители отколку од кој било друг извор, покажуваат претходни истражувања. Процесот преку кој родителите им го пренесуваат ова знаење на своите деца е познат како „финансиска социјализација“.
Голем дел од постојната литература за финансиска социјализација се фокусира на две работи: примерот што родителите им го даваат на своите деца и она што мајките и татковците директно ги учат децата за парите. Меѓутоа, истражувањето честопати не обрнува внимание на друг дел: дозволување на децата практично да управуваат со парите, покажува ново истражување спроведено од докторандот Ешли Лебарон од Универзитетот во Аризона.
Децата да вежбаат со парите
Нејзиниот труд објавен во јануари ја истражува важноста родителите да им овозможат на децата вистинско искуство со парите за да им помогнат и финансиски да ги подготват за подоцна во животот. Трудот сугерира дека идните истражувања треба да го земат предвид овој вид искуствено учење како трет метод на финансиска социјализација.
Родителите можат да им овозможат на своите деца да вежбаат со парите на различни начини. Може да им даваат редовен џепарлак, да им плаќаат за задачи што се надвор од нивните нормални задолженија, да ги наградат за добрите оценки со пари или да ги поттикнат да штедат за подоцна да си купат нешто или за добротворни донации.
Важно е родителите да им дадат на децата практично искуство со парите многу порано.
– Ако првпат децата користат кредитна картичка или мора да работат за да заштедат за нешто или имаат сметка во банката кога ќе станат независни, тоа не е добар период за да вежбаат – вели Лебарон.
Важно е родителите да им дадат соодветни финансиски искуства на децата кога се помлади. Да ги остават да направат грешки за да може да научат од нив и да им помогнат да развиваат навики пред да бидат независни, кога последиците ќе бидат многу поголеми и кога ќе се справуваат со поголеми суми пари.
Во истражувањето спроведено од Лебарон и нејзините соработници, тие интервјуирале 115 учесници, меѓу кои и 90 студенти од 18 до 30 години, како и некои од родителите и бабите и нивните ученици. Тие ги прашале учениците како нивните родители ги научиле за парите, а во случајот со родителите, бабите и дедовците, тие ги прашале како ги научиле своите деца за пари.
Искуството со парите додека се мали е многу важно
Повеќето учесници рекле дека им овозможиле некакво искуство со пари во нивната младост и сметале дека тоа искуство е исклучително вредно за да ги подготват да управуваат со парите. Оние што не добиле такво искуство посакале да го имале.
Врз основа на интервјуата, Лебарон и нејзините соработници идентификувале три главни теми околу тоа што научиле учесниците од финансиските искуства што ги имале како деца: како да работат вредно, како да управуваат со пари и како да трошат мудро. Исто така, истражувачите идентификувале три основни причини зошто родителите рекле дека им овозможиле практично искуство со пари: да им помогнат да стекнат финансиски вештини, да стекнат финансиски вредности и да станат независни.
– Мислам дека им е тешко на родителите да им дозволат на своите деца да прават грешки. Тие сакаат само да ги заштитат од сето она што е поврзано со парите, но навистина е важно тие да им овозможат да стекнат одредени искуства со парите за да можат да управуваат со нив и да ги трошат мудро. Најдобриот пристап е комбинација, каде што родителите даваат добар пример, имаат отворени разговори за парите, а децата имаат можност да вежбаат. Ако родителите ги направат сите три работи, постојат добри шанси нивните деца да научат важни лекции за парите – вели Лебарон.