Дали мислите дека вашето бебе се плаши од темница? Или вашето дете одбива да спие во темница поради чудовиштето под креветот? Многу родители веруваат дека слатките мали ноќни ламби се најдоброто решение и дека нивната светлина им помага на малите полесно да заспијат и подобро да спијат.

Меѓутоа, ефектот на ноќната светлина врз сонот на детето може да биде сосема спротивен.

Научниците дошле до сознание дека ноќните светла го спречуваат детето да заспие и истовремено му го одвлекуваат вниманието. Исто така, секое ноќно светло не е исто, па затоа треба паметно да изберете светилка и да откриете како светлината влијае врз сонот на вашето малечко.

Дали вашето бебе се плаши од темница?

Вообичаен страв кај родителите е дека нивното бебе може да се плаши од темница. Затоа избираат да постават ноќно светло во просторијата каде што спие, за да се чувствува безбедно.

Сепак, важно е да се знае дека на рана возраст кај бебињата не се развиваат овие видови стравови, па затоа грижите на родителите се неосновани.

Каков е ефектот на ноќното светло врз бебињата?

Светлината различно влијае врз сонот на возрасните и на децата. Како возрасни, имаме целосно формиран деноноќен ритам. Кога нашите очи откриваат сончева светлина, тие му сигнализираат на нашиот мозок да ослободи кортизол, хормон кој ни помага да останеме активни и будни. Слично на тоа, кога сонцето заоѓа, нашите очи забележуваат отсуство на бела светлина, и на тој начин испраќаат сигнал до нашиот мозок да ослободи мелатонин, хормонот кој нè прави поспани и го подготвува нашето тело за одмор.

Со малите деца е малку поинаку. Во првите три месеци по раѓањето детето не разликува ден и ноќ. Неговото тело природно не произведува кортизол наутро и мелатонин навечер. Наместо тоа, овие хормони ги добива преку мајчиното млеко.

Со текот на времето, бидејќи е директно изложено на природна сончева светлина за време на прошетка или додека дреме во лулката покрај прозорецот, организмот на бебето полека почнува да ја учи разликата помеѓу денот и ноќта. Сепак, изложеноста на силни светла и екрани дома, заедно со ноќните светла, може да дејствува како пречка за овој основен процес.

На 4 месеци бебињата почнуваат да произведуваат мелатонин, хормон за поспаност кој им помага да спијат подолго навечер. За да може мелатонинот да ја „работи својата работа“, важно е родителите да создадат средина каде што светлосната стимулација е што е можно пониска. Затемнете ги светлата навечер и погрижете се да не се изложени на сина светлина од екранот.

Влијанието на интензитетот на светлината врз сонот на бебето

Интензитетот на светлината што ја користите има големо влијание врз бебето и неговиот сон, особено во часовите непосредно пред спиење.

Ефектот на ноќните светла врз бебињата варира во зависност од возраста на детето и колку е чувствително на светлина. Иако малото ноќно светло може да биде добро за некои деца, за други тоа може да биде премногу стимулирачко и да ги спречи да спијат.

Како можете да препознаете дали ноќното светло му предизвикува проблеми со спиењето на вашето бебе?

Ако забележите дека вашето бебе често се буди ноќе или има тешкотии да заспие, а користите ноќно светло, ова може да биде показател дека тоа е премногу стимулативно за него.

Ефектот на ноќното светло врз малите деца

Неодамна беше објавено истражување спроведено на 36 деца на возраст од 3 до 5 години во кое се мерел ефектот од изложување на светлина пред спиење. Децата носеле монитор на рачниот зглоб за да се следи нивната изложеност на светлина и квалитетот на спиењето во текот на девет дена. Пред експериментот, родителите на децата ги држеле на стабилен распоред за спиење.

Наодите за тоа како изложеноста на светлината и ноќните светла влијаат врз тоа како спијат децата беа вџашувачки. Научниците откриле дека и слабите и силните светла имаат сличен ефект врз нивото на мелатонин кај децата што учествувале во истражувањето.

Изложеноста на ноќната светлина може да доведе до „отпорност на спиење“. Треба да се запомни дека зголемената чувствителност на светлината кај децата може да ги направи уште поподложни на нарушувања во спиењето и нарушувања на деноноќниот ритам.

И гените може да играат значајна улога во влијанието на осетливоста на светлина кај децата, вели професорката по интегративна психологија Моник Ле Бургис од Универзитетот во Колорадо.

Истражувањето покажа дека слабите црвени ноќни светла нема да влијаат врз сонот на децата.

Спиењето во темница го олеснува природното производство на мелатонин во телото, што му помага на вашето дете да заспие (и уште поважно, да спие цела ноќ). Ако вашето дете претпочита ноќно светло, одлучете се за темноцрвено, за да не му го нарушите циклусот на спиење.

Извор



912

X