Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог, психотерапевт

Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог, психотерапевт

е-пошта: sovetuvanje@gmail.com
Психотерапија и Советување Тест

Повеќе од авторот

Оптималната фрустрација му овозможува на детето во иднина да ги толерира неизбежните заблуди и неуспеси

Фрустрацијата се јавува кога не се исполнуваат нашите желби и се манифестира низ лутина, депресија, тага или анксиозност. Ова е поврзано со претераната и недоволна перцепција за ситуациите во нашиот живот. Многу од нас веруваат дека животот треба секогаш да биде лесен и пријатен, а овие верувања неизбежно ѝ се противат на реалноста, на вистинскиот живот. Поради овие верувања, многу често се случува да ги напуштаме личните проекти и ситуации бидејќи не знаеме како да се носиме со нив. Моменталното задоволување е голема заблуда и често доаѓа до самоповредување додека бараме брзи решенија за работите кои сами по себе бараат одредено време. Поради овие причини, родителите треба оптимално да ги фрустрираат децата не губејќи ја од вид важноста на ограничувањето за оптимален развој на своето дете, во кој детето ќе добие психолошка зрелост, ќе ги прекине фантазиите на семоќност и инфантилната неограниченост.

За детето да порасне во ментално здрава личност, неопходно е да има одредено ниво на фрустрација. Тогаш тоа учи како да се носи со своите негативни чувства и како да ги надмине пречките што ги носи животот. Оптималната фрустрација му овозможува на детето во иднина да ги толерира неизбежните заблуди и неуспеси.

Сите деца се многу нарцистични и веруваат дека заслужуваат да добијат сè што ќе посакаат, сега и веднаш. Тие немаат чувство за концептот на времето и немаат способност да размислуваат за другите.

Чувство на беспомошност

Кога детето не го добива веднаш тоа што го сака, смета дека тоа не е фер и не знае како да се носи со чувството на беспомошност. Тоа чувствува болка, но и покрај тоа, мора да научи понекогаш да ја истрпи болката, да почека. На овој начин ќе научи дека може да го преживее она што чекањето го предизвикало во него и ќе научи како да се носи со фрустрацијата, а истовремено ќе биде посветено кон многу креативни идеи како да ги задоволи своите желби. Ова второто се случува само кога желбата има подолга патека.

Децата кои уште од мали се убедени дека можат сè да добијат и да направат, понатаму во животот ќе бидат убедени дека имаат право на сè, честопати ќе бидат егоцентрични, а некои од нив ќе бидат склони кон развивање нарцистичко нарушување на личноста

Ако искуството на чекање се повторува неколку пати и се поднесува, детето ќе се навикне и ќе стекне доверба во своите способности. Детето што не може да чека останува на милост и немилост на своите емоции, кои често можат да бидат многу бурни и интензивни.

-Децата со ниска толеранција на фрустрации се многу нестрпливи и импулсивни.
-Тешко ги контролираат своите емоции.
-Веруваат дека заслужуваат сè што ќе посакаат.
-Ако мора нешто да чекаат, плачат и ги фаќа паника.
-Кај повеќето се развиваат симптоми на депресија и анксиозност.
-Немаат перцепција за правилата и не ги почитуваат границите.

Нормално е дека секој родител сака да го смири своето детето кога е фрустрирано. Од друга страна, пак, никој не сака да се занимава со вознемирено и тажно дете, па се трудиме да го направиме посреќно и да се чувствува добро. Некако се трудиме на кој било начин да му ги олесниме речиси сите работи. Брзајќи понекогаш, на детето не му даваме доволно простор да се соочи со своите чувства, да ги обработи и да продолжи понатаму.

Толеранција, отпорност и креативност

Детето тогаш нема да може полека да стекнува способност да се справува со тешките емоции и да развива соодветни механизми за да знае како да се справува со нив. Поради тоа, од големо значење е родителите да му дозволат на своето дете да ги почувствува и да научи како да ги преживее фрустрациите.
Чувството на вознемиреност и обесхрабреност, колку и да звучи парадоксално, го прави детето појако, а исто така го учи дека во светот не цветаат секогаш рози и дека светот и не е така совршен. Тие ќе го научат детето дека работите околу него нема секогаш да одат онака како што тоа посакува и ќе биде спремно на поголеми разочарувања, кои животот ги носи.

За детето да порасне во ментално здрава личност, неопходно е да има одредено ниво на фрустрација. Тогаш детето учи како да се носи со своите негативни чувства и како да ги надмине пречките што ги носи животот. Оптималната фрустрација му овозможува на детето да ги толерира во иднина неизбежните заблуди и неуспеси

Децата кои уште од мали се убедени дека можат сè да добијат и да направат, понатаму во животот ќе бидат убедени дека имаат право на сè, честопати ќе бидат егоцентрични, а некои од нив ќе бидат склони кон развивање нарцистичко нарушување на личноста.

Како и со која било друга емоција, важно е родителите да им помогнат на своите деца да ги идентификуваат емоциите, да научат да ги вербализираат и да ги препознаат. Кога се изложени и стануваат свесни за чувствата, на крај прифаќаат дека фрустрацијата е дел од животот и дека можат лесно да се справат и управуваат со стресот. Децата што биле во состојба оптимално да ја поминат фрустрацијата, негуваат толеранција и ја зголемуваат отпорноста, креативноста. Животните патишта тогаш ќе им бидат далеку попријатни, поуспешни и секако поподносливи.



912

X