Некои луѓе по природа се поорганизирани од другите, па сè работат без брзање, стрес и навреме. За среќа, со малку вежбање и добро планирање секој од нас може подобро да ги распореди своите обврски. Развивањето организациски способности е клучно за успех не само во училиштето, туку и подоцна во животот, па затоа треба да им помогнете на вашите деца да поработат на овие вештини. Тие ќе бидат благодарни бидејќи полесно ќе ги совладуваат обврските, а ќе им останува доволно време и за слободни активности. Еве неколку корисни совети во врска со ова:

1. Научете го детето да прави список на обврски

Купете му некоја убава тетратка, нотес или блокче каде што ќе ги забележува сите школски и воншколски обврски за секој ден, вклучително и за неработните денови. Штиклирањето на исполнетите обврски позитивно влијае врз самодовербата.
На почетокот помогнете му на детето околу организирањето, водете сметка да не си задава премногу обврски или, од друга страна, да не биде попустливо кон себе. Учете го и како да се реорганизира доколку се сменат условите и како да ги разграничи важните од помалку важните задачи.

2. Научете го како се учи

Децата стихијно му приоѓаат на учењето и пишувањето домашни задачи, по принципот „го работам она што прво ми доаѓа под рака“, оставајќи ги најтешките или најдосадните задачи за крај, а и двата начина се погрешни.
За ефикасно учење, освен планот, важен е и распоредот. Иако на некои деца им требаат само мали поттикнувања, во што спаѓа и успешното решавање на најлесните задачи, секогаш е подобро „прво да се голтне најголемата жаба“. Значи, прво се учи и работи она што бара најголема концентрација, најмногу внимание и време, а полесното се остава за крајот, кога детето веќе е заморено.
Освен тоа, делењето на содржините на помали целини и на повеќе мали задачи дава добри резултати бидејќи помалите целини полесно се совладуваат.

3. Научете го како да го уреди работниот простор

Објаснете му на детето дека е многу важно работната маса да е уредна и убаво организирана со сите потребни материјали и прибор. Пожелно е секој ден да учи на истото место за да развие рутина, но не мора слепо да се придржувате на тоа правило. Не е лошо понекогаш да му дозволите, ако самото побара, да учи во дневната соба додека вие ги извршувате куќните обврски. Ќе можете да го преслушате, да му помогнете ако запне некаде, но и да го надгледувате.

4. Научете го секој ден да учи во исто време

Учениците имаат многу обврски, но само една работа – учењето. Тоа мора да има приоритет, но не значи дека кога ќе се врати од училиште, детето веднаш треба да ја земе книгата в раце. Прво нека јаде и нека се одмори, а потоа нека почне со обврските и тоа, ако е можно, секогаш во истото време. На тој начин учењето ќе биде попродуктивно.

5. Научете го да планира однапред

За да се поштедите од утринскиот стрес, и вие и детето, научете го пред да замине на спиење да ја подготви облеката за следниот ден, да ги спакува книгите и приборот во чантата. Така наутро ќе има повеќе време за спиење, доволно време да се расони и денот да го започне без нервози и без доцнење.

 



912

X