Лекарите ги предупредуваат родителите дека децата што спијат помалку од девет часа може да имаат проблеми со меморијата и интелигенцијата. Експертите од Медицинскиот факултет на Универзитетот во Мериленд велат дека недостигот на сон или лошиот сон кај децата може да го зголеми ризикот од проблеми како што се анксиозност, импулсивно однесување и депресија.
Тие, исто така, забележале дека кај децата што немаат дремка во текот на денот постои поврзаност со когнитивните проблеми со меморијата, решавањето проблеми и донесувањето одлуки.
„Откривме дека децата што спијат помалку од девет часа навечер имаат помалку сива материја или помал волумен во одредени области на мозокот одговорни за контролирање на вниманието, меморијата и инхибицијата во споредба со оние со здрави навики за спиење“, вели авторот на студијата – д-р Ванг. „Овие разлики сè уште беа очигледни по две години, што е загрижувачко откритие и укажува на долгорочна штета за децата што не спијат доволно“, додал тој.
Студијата, објавена во списанието „The Lancet Child & Adolescent Health“, опфатила повеќе од 8.300 деца на возраст од 9 до 10 години. Лекарите две години ги разгледувале наодите од магнетната резонанса, медицинската документација и прашалниците што ги пополнувале родителите.
„Потребни се дополнителни студии за да се потврдат нашите наоди и да се види дали некои интервенции можат да ги подобрат навиките за спиење и да ги поправат невролошките дефицити“, истакнува д-р Ванг.

За да му помогнете на вашето дете да спие, експертите од Американската академија за педијатрија велат дека родителите треба да промовираат добри навики за спиење кај своите деца. Ова вклучува поставување приоритети за целото семејство и држење до редовна рутина. Тие наведуваат и дека родителите треба да го ограничат времето што нивното дете го поминува пред екрани и целосно да ги елиминираат екраните еден час пред спиење.
„Sleep.org“ обезбеди упатства за тоа колку сон им треба на децата. Новородените бебиња до три месеци треба да спијат од 14 до 17 часа дневно, а доенчињата до прва година од 12 до 15 часа.
На малите деца им требаат 11 до 14 часа сон, а на децата од предучилишна возраст од 10 до 13. Децата на возраст под 13 години треба да спијат од 9 до 11 часа, а тинејџерите од 8 до 10 часа.