Си поставивме цел да им овозможиме на сите деца од прво до деветто одделение барем еднаш во текот на школувањето да имаат можност да присуствуваат на вистински концерт за деца, вели Трајковска

Музичката организација „Пламенка Трајковска – мали камерни состави“, на чело со виолинистката Пламенка Трајковска, реализира концерти за деца со класична музика со наслов „Музика и танц“. На програмата се дела од познати класични композитори, како Бокерини, Моцарт, Бизе и Хендел. Избрани се дела на кои се танцувало во минатото, како менуети, валцери, танго и др. На нивниот репертоар се концертите за деца со следните наслови: Гудачки квартет во наше маало, Моцартисимо, Музика и цртан филм, Што е тоа… гудачки квартет, Музика и танц и Карневалот на животните.

Има ли интерес кај децата за класична музика?

– На нашите концерти децата навистина уживаат во класичните дела од композиторите Бах, Моцарт, Бокерини и други. Родителите ја знаат вистинската вредност на концертите за деца и со нетрпение го очекуваат нашиот нареден концерт. Се разбира дека има родители кои никогаш не биле на концерт на класична музика и сметаат дека оваа музика не е за нив, но кога се разговара за нивните деца, тие се отворени да ги донесат на концерт. На концертите што ги организиравме во училиштата присуствуваа речиси сите деца, без разлика дали дотогаш имале можност да присуствуваат на вистински концерт со класична музика или не.

Одржувате концерти со цел да им ја доближите класичната музика на децата… Зошто е важна класичната музика за нив?

– Како музичка организација „Пламенка Трајковска – мали камерни состави“, си зададовме задача да ја доближиме класичната музика до најшироката публика. Посебен сегмент на нашето дејствување е доближувањето на класичната музика до децата. Си поставивме цел да им овозможиме на сите деца од прво до деветто одделение барем еднаш во текот на школувањето да имаат можност да присуствуваат на вистински концерт за деца. Музичката култура се создава од најраната возраст и концертите се неопходни за доближувањето на класичната музика до децата. Класичната музика влијае врз повеќе сегменти од детскиот развој – развивање на интелигенцијата, дружељубивоста, емпатија. Се смета дека децата што слушаат класична музика имаат поголем фонд на зборови. Музиката помага и во процесот на социјализација и создавање самодоверба кај децата. Музиката и танцот создаваат разиграност и контакти со другите деца и музиката влијае врз когнитивниот развој.

Каква основа сакате да им дадете на децата кога станува збор за класичната музика?

– Концертите за деца имаат едукативна рамка во која децата се запознаваат со убавините на класичната музика, учат како се слуша музика, како се однесува на концерт, што е тоа камерен состав и камерна музика и многу други музички елементи. Нашата намера е да ги воведеме децата во класичната музика, да создадеме комуникација. Би сакале по посетата на нашите концерти децата и родителите во домашни услови да слушаат класична музика. Да слушаат класична музика додека си играат или додека прават вообичаени активности.

Кој им е најатрактивниот дел на децата од концертите?

– Концертите за деца што ги организираме се во насока на создавање музичка култура и тие се едукативни, интерактивни. Комуникацијата за време на концертите овозможува децата да нѐ доживеат како блиски и свои. Сите овие интеракции создаваат ведра и блиска атмосфера и децата посебно се радуваат кога на некој начин и тие учествуваат во музицирањето. Често ги покануваме да плескаат, да пеат или да танцуваат и навистина тоа се моменти на концертите кога и ние и децата се радуваме.

Го издадовте првиот македонски носач на звук со класична музика за деца „Карневалот на животните“ во адаптација за виолина и пијано, за каков албум станува збор?

– „Карневалот на животните“ е класична композиција од композиторот Камиј Сен Санс, наменета за деца. Оригинално е напишана за поголем камерен состав и се состои од 14 кратки става. Во секој од ставовите се опишува по едно животно со звучно боење. За оваа композиција направив аранжман за виолина и пијано и заедно со пијанистката Весна Тасевска го снимавме албумот „Карневал на животните“. Албумот е достапен на најголемите светски музички мрежи Ајтунс, Амазон и ЦД Бебе.

Што треба дополнително да се преземе за класичната музика да им биде подостапна на најмалите?

– За да имаме поголем успех во доближувањето на класичната музика до децата, треба да го зголемиме бројот на концерти за деца. Би требало да има редовни концерти за деца. За жал, кај нас нема ваква практика и бројот на концерти за деца не е доволен. Создавањето на културата на одење на концерти на класична музика не може да се создаде со концерти кои се одржуваат со нередовен термин и во овој дел далеку заостануваме зад театарот, каде штоима институција која се грижи за создавањето на театарската култура кај децата. Како мала музичка организација која работи под името „Пламенка Трајковска – мали камерни состави“, навистина се трудиме да ја искористиме секоја можност и да организираме концерти за деца. Сепак, не сме институција и начинот на финансирање не ни дозволува да воспоставиме редовна продукција на концерти за деца.

Овде сакам да изразам благодарност и да истакнам дека со помош на Министерството за култура и Градот Скопје, како и во соработка со одделните општини и домови на културата, имаме реализирано повеќе продукции, и тоа: Гудачки квартет во наше маало, Музика и танц, Карневалот на животните, Моцартисимо, Музика и цртан филм. И во наредниот период ќе продолжиме со нашите концерти за деца и можам да го најавам нашиот следен концерт во март. Се надевам дека ќе можеме да реализираме по еден концерт за деца месечно.

Државата навистина помага во оваа насока и јас навистина би сакала да се создадат услови за реализирање редовни концерти за деца онака како што се реализираат театарски претстави за деца. Верувам дека вредноста на создавањето на музичката култура кај децата ќе биде препознаена како есенцијална потреба. Децата во училиштата имаат предмет музичко образование, но вистинска музичка култура може да се создаде со слушање класична музика во живо. Се надевам дека нашата иницијатива и намера да ја доближиме класичната музика до широката детска публика ќе наиде на уште поголема поддршка и дека во наредното интервју за „Деца.мк“ ќе разговараме за нашите редовни концерти за деца.



912

X