Можеби сте го виделе или почувствувале – тој феномен кој изгледа дека ги обзеде децата во последните неколку години и ги претвори во вистински егоцентрични луѓе? Јас тоа го нарекувам „Јас, па јас епидемија“ и верувале или не, тоа се манифестира на малите нешта, секојдневно, а некогаш и не сме свесни за тоа. Добри вести? Тоа е сосема излечиво! Ние сите познаваме деца (можеби дури и во нашите семејства) кои мислат дека имаат право ништо да не прават, кои го очекуваат најдоброто од животот без никаков труд и кои не знаат што е благодарност. Со ваквите деца тешко е да се живее, а по правило тие стануваат луѓе со високи очекувања, сопружници кои бараат многу, со истиот став што го имале како деца. Тоа станува голем проблем бидејќи децата кои мислат дека светот се врти околу нив не можат да се носат со проблемите во реалниот свет.

Иако можеме да покажуваме со прст и да ги обвинуваме социјалните медиуми, реалните шоуа и низа други надворешни фактори, една најголема причина за ширењето на оваа „епидемија“ сме токму ние, родителите. Се разбира, го сакаме најдоброто за нашите деца и никој од нас нема намера да одгледува разгалено дете, но често во нашите обиди да го направиме најдоброто за нашите деца ние премногу се поставуваме како дадилки. Ние сме премногу попустливи, премногу ги пофалуваме и ги отстрануваме сите препреки од нивниот пат. И што се случува тогаш? Ние не дозволуваме децата да направат нешто за себе, да учат од своите грешки, или да решат проблеми. Предлагаме 5 стратегии за вртење нов лист:

1. Очекувајте повеќе

Имајте малку доверба во своите деца. Тие можат и треба да дадат придонес во семејството. На крајот на краиштата, тие се дел од семејството и сите треба да придонесат. Она што ќе го добијат за возврат се животни вештини кои им се потребни за во светот да тргнат како среќни, успешни и независни луѓе. А вие? Морате да знаете дека сте придонеле кон тоа.

2. Откажете се од откажување

Дали некогаш сте рекле ДА иако сте сакале да кажете НЕ? Купување слатки пред каса? Смирување на детето со подарок кога ќе почне да фрла? Време е да се сврти нов лист и кога ќе кажете НЕ, тоа и да значи! Така вашите деца ќе научат дека со фрлање, превртување на очите и муртење нема ништо да постигнат.

3. Предајте ги уздите

Секојпат ги спасуваме нашите деца од нивните грешки, интервенираме во нивно име или им го трасираме патот. Не им даваме можност самите да научат нешто. Полека, престануваат да се трудат. Време е да му ги предадете уздите на вистинскиот сопственик. Наместо да трчате со заборавена домашна задача на училиште, треба да ги научите дека самите мора да ги подготват книгите навечер. Нека знаат дека можат и самите да разговараат со наставниците, тренерите и врсниците за прашањата што ги интересираат. Вие можете да им помогнете да се подготват. Вашите деца мора да научат сами да извлекуваат поука од грешките и успесите. Вие ќе бидете тука да ги поддржите.

4. Исклучете го банкоматот

Ова е чекор. Инстант-задоволството е главно во денешното општество. „Тоа го сакам, тоа и ќе го добијам. Сега и веднаш“. Најдобар начин за борба против оваа чест е да прекинете да давате и купувате кога и да посакаат децата. Наместо тоа, поставете одреден износ неделно и список со трошоци кои детето треба да ги покрие (ужина, училиштен прибор, влезница за кино…). Се разбира, ова треба да се приспособи на возраста на детето. На овој начин детето учи дека кога ќе порасне, треба да располага со сопствената плата.

5. Децентрализирајте го его-универзумот

Истражувањата се јасни – оние со „благодарен став“ во животот се посреќни, помалку депресивни и помалку под стрес бидејќи водат живот со здрав оптимизам. Но, благодарноста мора да се вежба. Тоа е нешто на кое мораме да ги научиме нашите деца. Некои знаат дека светот ништо не им должи и дека сите треба да го направиме својот дел од работата за да ни биде поубаво. Научете ги децата да ги ценат своите околности (без предавања за глад на децата од земјите од третиот свет). Вежбајте ги децата да велат „благодарам“, разговарајте со нив – нека смислат на пример 3 работи за кои се благодарни. На овој начин им помагате ним, а и на целото семејство да води стабилен и посреќен живот.

Автор: А. Максимовиќ

Извор



912

X