Прескокнувањето на појадокот е една од најлошите навики, особено за децата на училишна возраст. Одложувањето на појадокот може да доведе до хипогликемија, односно пад на шеќерот, вели д-р Ивана Стефановиќ од Итната помош, пишува српски РТС.
За добар почеток на училишниот ден, многу е важно да обезбедите доволно енергија, што значи дека не треба да го прескокнувате појадокот. Појадокот е многу важен оброк – може или да ви го разубави денот или да ви го наруши.
Д-р Ивана Стефановиќ истакнува дека хипогликемијата често се јавува кај децата на училишна возраст како последица на прескокнување на појадок. Според неа, девојките сакаат да ослабат, па го прескокнуваат најважниот оброк, но тоа никако не е начин да се реши проблемот.

Кога децата не појадуваат, немаат доволно шеќер во крвта, немаат концентрација на час. Секојпат кога ќе го прескокнете појадокот, го забавувате метаболизмот и сè што сакате да направите добро на крајот не се случува. Многу е важно сите да појадуваме, особено децата кои растат и се развиваат“, истакнала д-р Стефановиќ.
Многу истражувања покажале дека децата што го прескокнуваат првиот утрински оброк имаат полоши резултати на тестовите од оние што појадуваат. За квалитетен појадок изберете житарици со млеко, овошје, јогурт и интегрални печива.