Истражувањето објавено неодамна било спроведено на повеќе од 210.000 деца во Нов Јужен Велс, Австралија, а во него биле вклучени 211.978 деца. Истражувачите ги споредиле развојните и училишните резултати на децата изложени на општа анестезија во текот на болничките процедури (37.880) до 48-месечна возраст со децата на иста возраст што не биле изложени на општа анестезија или хоспитализирани (197.301).
Децата изложени на општата анестезија имале послаб развој и послаби резултати во писменоста и математиката. Децата изложени на општа анестезија имале:
– 17 отсто зголемен ризик од лош развој;
– 34 отсто зголемен ризик од пониски резултати во математиката и на училишните тестови;
– 23 отсто зголемен ризик од пониски резултати во читањето.
Кога истражувачите ги ограничиле нивните анализи на деца што имале само една хоспитализација која вклучувала процедура на општа анестезија, не откриле зголемен ризик за слаб развој или пониски резултати во читањето, но ризикот од лоши резултати во математиката останал.
„Постојат многу причини зошто на детето би му требал хируршки зафат, а во некои случаи тоа може да му го спаси животот или да е неизбежно“, вели професор Наташа Насар од Универзитетот во Сиднеј.
„За овие деца нашите наоди сугерираат дека е важно да се следат и нивните вештини за писменост и математика кога ќе стигнат на возраст да одат на училиште. Така може да се обезбеди рана интервенција, доколку е потребно“, додава таа.
Децата што примале општа анестезија во ова истражување исто така имале и операција и често имале и други поврзани медицински состојби.
„Постојат неколку процедури каде што алтернативните пристапи или менаџментот би бил можен, но главно операциите кај бебињата и децата не можат да се одложат. Секако, родителите можат да разговараат со својот лекар и да истражат дали овие постапки може да се избегнат, во комбинација со други процедури или, пак, да се одложат за подоцна“, вели коавторот д-р Џастин Сковно, клинички предавач на Универзитетот во Сиднеј и специјалист во педијатриска анестезија.
Истражувачите велат дека е потребно понатамошно испитување на специфичните ефекти од општата анестезија врз математичките вештини.