Луѓето од западните култури повеќе бараат партнер што сака деца отколку оние од Истокот, се вели во новата студија на Универзитетот „Сванси“. Истражувањето открило дека на мажите и жените во Велика Британија и во Австралија приоритет им е да најдат партнер кој сака да има деца.
Д-р Ендру Томас од Универзитетот „Сванси“ вели дека ова е резултат на подобрите опции за планирање семејство во споменатите земји. Изгледот и љубезноста биле високо оценети во сите култури и кај двата пола.
Во истражувањето, спроведено од научниците на универзитетот и други академски институции, на 2.500 учесници им биле дадени виртуелни долари кои можеле да ги трошат на карактеристики што ги бараат кај партнерот.
Жените од западните земји трошеле 12,6 отсто од своите буџети на особината „сака да има деца“, додека мажите трошеле 7,8 отсто од својот буџет на истата особина. Но, и мажите и жените во источните култури, на пример, Кина, Индонезија и Малезија, трошеле помалку од своите буџети на оваа особина, мажите 6,6, а жените 6,2 отсто. Д-р Томас, кој е коавтор на студијата, вели дека разликата сепак се однесува на тоа што во западниот свет условите за формирање и планирање семејство се подобри.
– Во западните културни имаме контрацепција, а има и слобода за извршување абортуси. Имаме избор. Како човек од Западот имате слобода да кажете: „Јас не сакам деца“, но во источните култури тоа е повеќе како природна последица на тоа да се биде во врска – вели Томас.
Најчестиот приоритет помеѓу двете култури е љубезноста, која важи и за двата пола, освен кај западните мажи, каде што води физичката привлечност како посакувана карактеристика.
Хуморот е на повисоко ниво кај западните култури, каде што жените потрошиле 17,3 отсто од нивниот буџет на оваа особина, а мажите 18,4 отсто. За споредба, бројките кај источните мажи е 11 отсто, а за жените 11,1 отсто.
Религијата и невиноста биле многу попосакувани како карактеристики во источните култури, додека на Западот имале само мало значење за мажите и за жените.