Ако вашите деца се во лошо расположение кога ги земате од училиште, не сте единствени. Според психијатрите, ова е честа појава по враќањето од училиште и не треба да се меша со изливи на бес.

„Изливите на бес се случуваат кога децата сакаат да постигнат нешто или се одговор на наредбата или барањето на родителите“, вели д-р Џин Бересин.

Според социјалниот работник Кристина О’Халоран, лошото расположение по училишниот ден е тип на слом што може да се случи кога децата се премногу оптоварени од сè.

„Некои деца може да плачат или да се жалат, други може да бидат агресивни и лути, а некои може да се повлечат во себе. Пркосот е многу вообичаен. Децата ќе одбијат да ја завршат домашната задача или да разговараат со вас. Постарите деца се повлекуваат во својата соба и ја трескаат вратата, па одбиваат да кажат зошто се вознемириле“, објаснува психологот.

Зошто се однесуваат така?

-Не е невообичаено децата да бидат учтиви на училиште, а потоа однесувањето да го свртат за 180 степени кога ќе дојдат дома. Еве зошто – на училиште има висок степен на структура, рутина и притисок да се однесуваат добро. Потребна е многу енергија за децата да го задржат тоа однесување. За нив, тоа е многу напорно. Потоа се враќаат дома, во безбеден простор со своите најблиски и едноставно ќе се „стопат“ – објаснува Бересин.

На децата им е потребен одмор за мозокот и им треба време да се релаксираат и да ги смират своите емоции.

„Многу од однесувањата на овие деца нѐ нервираат, но би сакала родителите да разберат дека тие се добар знак. Тие покажуваат дека децата ви веруваат, дека можат да се опуштат и да исфрлат сѐ од себе“, вели О’Халоран.

Експертите ги советуваат родителите да си олеснат и себеси и на своето дете. Најпрво да не им се закануваат на децата со казни за нивното однесување и да ги оставaт да се смират. Покажете сочувство, понудете им на децата прегратка или едноставно оставете ги на мир додека не се вразумат. Погрижете се децата да спијат доволно и да се хранат здраво, па моделирајте го однесувањето што сакате да го видите кај вашите деца.

Извор



912

X