Кога децата веруваат дека се способни, имаат поголема волја да се предизвикаат себеси, да се обидат да направат нешто ново, па дури и да не успеат неколку пати, но упорно да се држат до задачата додека не ја извршат правилно.
Родителите честопати претпоставуваат дека ако нивните деца се мали, не можат да направат голем дел од работите. Затоа, чекаме до моментот кога мислиме дека се способни да направат нешто, па тогаш им даваме можност да се обидат. Со најдобра намера им ги одземаме раните можности да ја зголемат нивната самодоверба, што е суштинска за нивниот успех во сите фази на развојот.
Децата се многу поспособни отколку што мислиме
Ако му покажете на двегодишно дете како да ги соблече маицата и панталоните, тоа ќе биде една работа помалку што ќе треба да ја правите за него. Земете го вашето тригодишно дете, ставете го на столчето и научете го како да става садови во машината. Ако нешто се скрши, помогнете му да измети и научете го како да го исчисти.
Фокусирајте се на процесот, а не на резултатот
Научете го вашето двегодишно дете како да ја здипли маицата и како да ја стави во фиоката. Сигурно дека диплењето нема да биде совршено и маицата ќе биде истуткана, но важно е дека детето направило нешто само и ќе знае дека е способно за нешто. Сега, акцентот ставете го на: „Види што можеш да направиш! Браво!“
Извршувајте ги работите заедно
Извршувањето на задачите заедно гради другарство и култура на тимска работа во вашето семејство. Извршувањето на задачите заедно е одлична можност да го научите детето на организациски и просторни концепти:
– Се прашувам дали ќе ги собере сите 10 камиони во оваа кутија. Ајде да видиме!
– Како може оваа маица да остане на закачалка? Ајде да се обидеме заедно.
Сега, замислете ги овие деца 10 години подоцна. Тие ќе можат да направат буквално сѐ, без потреба од интервенција од возрасните. Тие ќе можат да се фокусираат на задача од почетокот до крајот. Тие можат да работат сами или во групи. Тие ќе знаат за што се способни, па ќе бидат упорни кога задачата ќе биде тешка.
Автор: Ева Двајт