Сѐ поголем број родители укажуваат на проблемот со продажба на никотински производи на малолетници. Дека состојбата е повеќе од загрижувачка, потврдуваат од здружението „Родитељ“ од Србија, кое најавува големо истражување на оваа тема.
„Покрај редовните пубертетски дилеми и несреќи кои се карактеристични за растењето, сѐ поголем број родители се обраќаат до нашето Здружение со прашања поврзани со електронските цигари. Голем број родители не биле свесни дека нивните деца ги консумираат, а особено ги загрижува фактот на распространетата продажна мрежа и начинот на кој децата сами ги наоѓаат таквите производи“, посочува Гордана Племиќ, директорка на ова здружение, чии основачи се родители кои од лично искуство ја препознале потребата од систематска и ефективна родителска поддршка во Србија за ова прашање.
Поради зголемениот број прашања на споменатата тема, ова Здружение започнало истражување со кое ќе се провери достапноста на електронските цигари до постарите малолетни лица, како и нивното знаење и навики за нивно консумирање. Резултатите ќе бидат јавно презентирани со цел да се влијае на зголемување на свеста за актуелниот проблем со кој секојдневно се соочуваат тинејџерите и нивните родители.
„Важно прашање што истражувањето детално го анализира е од каде децата до толкава мера добиваат електронски цигари и како оваа состојба е регулирана со закон“, посочува Племиќ.
Бидејќи тинејџерските денови се еднакво тешки и за децата и за родителите, нема потреба да се бара вината. Младите се бараат себеси и во текот на нивното растење имаат потреба да пробуваат различни работи, а одреден број од нив имаат помало или поголемо влијание врз нивното здравје и квалитетот на животот. Од друга страна, родителите се грижат да му обезбедат на семејството сѐ што е потребно за живот, да размислуваат за својата иднина, да се трудат да ги балансираат деловните обврски, приватниот живот и предизвикот да им обезбедат на децата доволно внимание и љубов, кои се клучот за здраво созревање.

„Училиштето навистина може да има позитивен ефект кога станува збор за спречување на употребата на електронските цигари. Потребно е да се зборува за проблемот и да се укаже на сите аспекти со кои се соочуваме, за да напредуваме како систем и да ја исправиме состојбата. На родителите треба да им се даде сета помош и поддршка на нивниот пат, а младите да се едуцираат преку едукатори-врсници бидејќи таквите содржини им се поприемчиви.
Работата и квалитетниот разговор се најдобрите чекори што може да се направат на почетокот на долгото патување. Исто така, во тој процес мора да се вклучат сите, од семејството, преку училиштето, до надлежните институции, бидејќи само со заеднички сили можеме да ги започнеме работите на подобро“, заклучува Гордана Племиќ, директорка на здружението „Родитељ“.