Докажано е дека природното опкружување влијае врз менталното здравје многу повеќе отколку што се верувало, а бучавата, загадувањето и инфекциите во околината го зголемуваат ризикот од заболувања предизвикани од психички нарушувања.

Растењето на село го заштитува менталното здравје. Имено, студија во која учествувале речиси еден милион Данци покажала дека децата што живеат опкружени со зеленило имаат дури 55 отсто помали шанси да развијат некоја ментална болест во возрасната доба.

Како што тврдат научниците, зеленилото помага при развивањето на социјалните вештини и поттикнува на физичка активност, што го подобрува когнитивниот развој кај децата, кој пак позитивно влијае врз менталното здравје.

Според Светската здравствена организација, повеќе од 450 милиони луѓе во светот боледуваат од некое психичко нарушување, а само во Велика Британија, во 2014 година, 19,7 отсто од луѓето постари од 16 години покажале симптоми на депресија или анксиозност.
Статистиките покажуваат дека депресијата секоја година погодува повеќе од 16,1 милиони Американци.

За ова истражување научниците користеле податоци кои ги собирале преку сателити над зелени површини околу домовите на речиси еден милион Данци, помеѓу 1985 и 2013 година. Тие податоци ги користеле за набљудување на ризиците од развој на некои од 16 различни ментални болести, како што се шизофренија, депресија и анксиозност.

А како што стои во ова истражување, дури и ако децата што израснале надвор од градот подоцна го променат местото на живеење или социјално-економскиот статус, шансите за ментални болести се уште повеќе намалени.

– Можевме да користиме голема количина податоци собрани од Данскиот регистар, како што се местото на живеење и ментални болести во семејството, и да ги споредиме со сателитските снимки кои покажуваат зелена површина што ја опкружува некоја личност додека расте – објаснила биохемичарката Кристин Енгеман, водич на истражувањето, од данскиот Универзитет „Орхус“.

Според нејзините сознанија, шансите за ментални болести постепено пропорционално се намалуваат врз основа на тоа колку детето живее надвор од градот, од раѓањето до десеттата година од животот.
– Со ова се докажува дека природното опкружување влијае врз менталното здравје многу повеќе отколку што се верувало порано – објаснува д-р Енгеман, која нагласува дека бучавата, загадувањето, инфекциите и лошите социо-економски услови го зголемуваат ризикот од тие болести. Затоа научниците апелираат до архитектите на урбанистичките планови да дизајнираат „позелени“ градови и на тој начин да помогнат да се подобри менталното здравје на тие жители.

– Во урбанистичките планови треба повеќе да се размислува за врската помеѓу менталното здравје и зелените површини во опкружувањето, градовите треба да бидат позелени и поздрави, па и луѓето од урбаните средини во иднина ќе бидат поздрави и посреќни – додава коавторот на студијата, д-р Јенс-Кристијан Свенинг.

Само 15 минути трчање на ден ја намалува депресијата

Лекарите од болницата „Масачусетс џенерал“ овој месец објавија дека 15 минути трчање дневно ја намалува можноста за појава на депресија и дека физичка активност ги намалува шансите за заболување од сите психички нарушувања.
Затоа ја повикуваат јавноста „повеќе да се движи“ и напоменуваат дека сите што се жалат дека не се чувствуваат најдобро, пред да посегнат по лекови, првенствено да практикуваат прошетка на воздух и вежбање, пренесува „Дејли мејл“.



912

X