Воспитување

Децата од мали развиваат чувство за почитување на правилата

Ново истражување тврди дека децата многу рано развиваат чувство за следење на правилата. Студија спроведена на 376 деца на возраст од пет до осум години покажа дека децата се подготвени да се соочат со врсниците кои ги прекршуваат правилата, а научниците пишуваат дека горенаведеното е универзална човечка карактеристика.

Истражувањето го спровеле научници од Универзитетот „Плимут“ и Универзитетот „Фрај“ во Берлин, Германија, а проучувале три урбани локации на три различни континенти – Јужна Америка, Европа и Азија и пет рурални локации на два континента, Јужна Америка и Африка.

На децата им била претставена нова игра со сортирање коцки, каде што половината научиле да сортираат по форма, а другата половина по боја. Откако децата го усвоиле правилото, едно дете се однесувало како играч, а друго како набљудувач. Набљудувачите најпрво биле спарени со играч кој го научил истото правило за сортирање како нив, а потоа со играч кој научил поинакво правило.

Истражувањето покажало дека децата имаат 255 отсто поголема веројатност да интервенираат ако видат дека некое правило се прекршува отколку кога се во пар со играч кој ги следи правилата што ги научил.

Истражувачите очекувале дека децата од поголемите урбани заедници ќе интервенираат повеќе, но откриле дека децата од малите рурални заедници имаат еднаква веројатност да интервенираат. Исто така, било откриено дека децата од руралните области претпочитаат императивна вербална интервенција – кажување на играчот како да игра.

Помалите деца имале поголема веројатност да интервенираат отколку постарите

– Она што е ново во оваа студија е тоа што го набљудувавме однесувањето на децата и патувавме низ светот за да го сториме тоа – не ги прашувавме децата што сакаат да направат, туку го измеривме нивното однесување во социјалните интеракции во реалниот свет – изјави авторката на студијата, Патриша Кангиесер, од Универзитетот „Плимут“.

– Исто така, беше многу интересно да се види дека начинот на кој децата се поправаат меѓу себе варира во зависност од локацијата – рече таа, додавајќи дека истражувачите биле изненадени кога откриле дека децата од помалите рурални области протестирале еднакво или дури и повеќе отколку децата од урбаните средини.

– Претпоставувавме дека директните интервенции ќе бидат поретки, бидејќи сите во помалите заедници се познаваат меѓу себе, бидејќи луѓето можеа да се потпрат на повеќе индиректни начини, како што е репутацијата, за да обезбедат усогласеност, но откривме дека вистината е спротивна. Следниот чекор е дополнително да се истражи што ги мотивира децата да интервенираат и како тие учат да интервенираат. На пример, дали учат од возрасните или постарите деца околу нив како да реагираат на кршење на правилата – порача Кангиесер.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top