Од Општина Центар во Скопје тврдат дека уште вчера се испратени мостри од водата за пиење на испитување во Институт за јавно здравје. Меѓутоа, од Институтот велат дека денес до 13:30 часот кај нив не стасале мостри за испитување

Училиштето „Димитар Миладинов“ во Општина Центар сè уште е затворено поради дефект на водоводната мрежа и техничка неисправност на водата за пиење. Учениците денеска беа на еднодневна екскурзија на Водно, а во текот на утрешниот ден ќе бидат на училиште од 8 до 12 часот. Во известувањето потпишано од директорката на училиштето, Маја Ангелова, стои дека децата од одделенска настава ќе имаат појадок од 8 до 9 часот, а ручек од 11:15 до 12 часот.
Ангелова не беше достапна да информира подетално за настанатиот дефект, како и за организацијата и функционирањето на училиштето во текот на оваа недела.
Од Општина Центар тврдат дека уште вчера се испратени мостри од водата за пиење на испитување во Институтот за јавно здравје. Меѓутоа, од Институтот велат дека денес до 13:30 часот кај нив не стасале мостри за испитување.

Неофицијално дознаваме дека водата се испитувала во лабораторијата на ЈП „Водовод и канализација“, но какви се резултатите, засега нема информации.
Инаку, од Институт за јавно здравје објаснуваат дека ако стигнат мострите денеска, утре ќе има први неофицијални резултати за безбедноста на водата. Официјалните, пак, се добиваат по 72 часа од денот на прием.

Фото: moepp.gov.mk

– Основното училиште „Димитар Миладинов“ се соочува со дефект од поголем размер со водоводната мрежа. Службите на општината заедно со ЈП „Водовод и канализација“ работат на санирање на состојбата и повторно оспособување на училиштето за работа. Мостри од водата уште вчера се предадени во Институтот за јавно здравје и резултатите ги очекуваме во најкус можен рок. Училиштето ќе почне со настава штом ќе се санира дефектот – соопштија од Општината.
Родители чии деца учат во ова училиште не знаат до кога ќе трае прекинот на наставата.


– Не верувам ни дека утре ќе работи училиштето. Денеска се на екскурзија, но децата ги зедоа од училишниот двор, а таму и ќе ги остават на враќање – вели мајка на ученик во „Димитар Миладинов“.
Инаку, досега во Центарот за јавно здравје нема пријавено зголемен број на пациенти со цревни инфекции.

А.П.



912

X