Воспитување

Децата ни се раѓаат чисти како солза. Сè што ќе влезе во нивната глава и срце, до нас е

Децата ни се раѓаат чисти како солза.

Не излегуваат од мајчината утроба со ајфони и таблети и бесплатна безжична мрежа.

Боси се.

Голи се.

Нема на нив етикети од престижни брендови.

Заземаат положба која најдобро се вклопува во рацете на мајката, меѓу градите полни со млеко. Како калап.

Нивните уши, освен мајчиното срце, не чуле друга мелодија.

Тие чекаат од матното да видат кристално јасна мајка.

Децата ни се раѓаат чисти како солза. За една година, освен лицето на својата мајка и татко, ќе видат и многу цртани лица на екраните што зрачат. Ќе бидат поставени како фикус пред 82 инчи, повремено полиени со „Дали си ти моја љубов?“

Звуците на дегенеричните цртани јунаци ќе се разлеат по собата, пред да се вселат во малечките ушиња. Врзани со модните трендови и повици „Немој таму ќе се извалкаш“, едвај ќе се движат. Во количка ќе поминат 3 години, иако почнале да одат на 2, а можеле и на 12 месеци. Ќе врескаат лути, бесни, хистерични, а всушност збунети од силните сензации на кои се изложени уште во првите години.

Тоа е количина на сензации која јас, со своите 39 години, не можам да ја обработам и примам. Поради која чувствувам немир, врева во себе, хаос во главата.

Децата ни се раѓаат чисти како солза. Сè што влегува во нивната глава и во нивното срце, до нас е. Сè што ќе почувствуваат под прстите, ребрата, во градите, до нас е.

Дали ќе фантазираат и колку, до нас е.
Дали ќе сакаат приказни, до нас е.
Дали ќе ја запознаат природата, до нас е.
Дали ќе се смеат, до нас е.

Дали ќе галат куче или ќе се плашат од него, дали ќе трчаат по топката или ќе се тргаат од неа, дали ќе се качуваат на дрво или ќе седат клекнати под него, дали ќе разговараат со луѓето или ќе им викаат, дали ќе се натопат или ќе бегаат од дождот, до нас е.

Родителите имаат избор, но ги сакаат изговорите. Не постои количка што може да ги замени мајчините раце и лулање. Кога е веќе така, зошто тогаш тоа купување од 1.000 евра?

Седењето во количка не е исто како и трчањето со своите нозе. Но, треба да се трча по детето. Нема цртан филм кој е поинтересен од сликовницата што ја чита родителот. Нема игротека која може да ја замени шумата. Не постои маица во која на детето ќе му биде поубаво од таа во која што е. Не постои целодневна врева, туку досада во тишина. Нема кафе во ресторан кое на родителите им е понеопходно од свежиот воздух за детето.

Не постои реченица „секако ќе се расипе во училиште“ бидејќи училиштето си ти, ти и јас, ние, родителите. Ние сме нивното најважно училиште, сè друго е „неоправдано отсуство (родител)“.

Седи, единица.

Автор: Јована Кешански

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top