Ниту едно дете не сака неговите родители да се разведат. Овој факт ми се докажа како вистинит откако поминав повеќе од 20 години советувајќи деца од училишна возраст кои се соочиле со развод на родителите. Разделбата и разводот им носат недоразбирања на многу деца, бидејќи родителите сметаат дека е подобро да ги поштедат децата од вистината отколку да им кажат што навистина се случува во семејството. Сепак, децата треба да бидат вклучени во дискусиите за промените што ќе се случат. Ситуацијата сама ќе им се поедностави како што ќе поминува времето.
Преправањето дека ништо нема да се промени едноставно не е вистина и нема да донесе никакви придобивки за детето. Почитувајте го емоционалното здравје на детето во текот на разводот. Подобро е за нив да не ги задржуваат своите чувства. Ова се 8 водичи за родителите што се соочуваат со развод, за чувствата на нивните деца и справување со ситуацијата.
Немојте да не покажувате почит или да се расправате со поранешниот партнер додека децата се присутни
Кога децата ги слушаат родителите како се расправаат и се лоши еден кон друг, тоа многу ги погодува. Тие чувства најчесто ги чуваат во себе. Многу деца изразиле тага кога слушале расправии и зборови кои изразуваат непочитување помеѓу родителите. Знаат дека нивните родители се тажни и често плачат. Мислат дека најдобро е да не споделуваат како тие се чувствуваат, па тоа ги прави уште потажни.
Објаснете дека мајките и татковците некогаш имаат потреба од тајмаут
Едно девојче од трето одделение ми рече: „Мојот татко нè остави мене, мајка ми и сестра ми. Не можам да го заборавам тоа. Кога сум кај татко ми и потоа кога ме остава дома, секогаш плачам“. Кога децата ми кажуваат дека нивните родители се расправаат и дека еден од нив ја напуштил куќата, често им велам дека понекогаш на родителите им е потребна пауза еден од друг. Тоа не значи секогаш развод. Тоа ми дава чувство дека децата кога ќе го слушнат тоа, имаат малку надеж. Едно девојче, исто така од трето одделение, ми напиша писмо барајќи да ме види бидејќи: „…моите родители се разведуваат, а јас не можам да издржам без мојот татко“.
Дозволете им на децата да чувствуваат тага
„Морам да те видам зашто мама и тато се разведуваат и јас сум многу многу тажна“, ми напиша еднаш едно девојче. Многу е често децата да не си ја изразуваат тагата поврзана со разводот на нивните родители, бидејќи не сакаат нивната тага да им додава товар на родителите. Исто така, вообичаено е децата да бидат заштитнички настроени кон родителите. Би помогнало ако му дадете до знаење на детето дека целото тоа искуство е тажно за сите и дека е во ред да ги споделува своите чувства. Уверете го дека нема да бидете потажни поради тоа.
Ситуацијата нека не биде тајна што ја чувате од децата
Едно девојче од петто одделение ми рече: „Моите родители сакаа да се разведуваат, но не го сторија тоа – сепак не можам да го извадам тоа од ум“. Децата може да процесираат многу повеќе отколку што мислат родителите. Подобро е детето да има разбирање за ситуацијата за да биде помалку збунето во врска со вистината. Родителите треба да зборуваат со своите деца за ситуацијата во семејството за да избегнат поголема збунетост. Децата треба да знаат ако нешто се случува. Преку објаснувањето, се разбира на нивно ниво, децата ќе бидат подобри. Често сум изненадена од нивното длабоко разбирање на нештата.
Осигурете се дека вашите деца се чувствуваат безбедни
Момче од четврто одделение ми рече: „Мојот очув ја напушти мајка ми, мене и брат ми. Мајка ми е многу тажна и може ќе ја изгубиме куќата“. Тоа е навистина тешка работа за која родителот се грижи, но за детето да се чувствува побезбедно, подобро е да му се помогне да разбере без разлика што ќе се случи, па да го уверите дека ќе биде добро и на сигурно. Само нештата ќе бидат променети.

Појаснете одредени дела со вашите деца
Едно девојче од четврто одделение ми рече: „Мојот татко е разделен од мајка ми и ја навреди“. Ова може да значи вербална или физичка злоупотреба, но најдобро е да се праша детето дали може да објасни што мислело под „навреда“ или некој сличен збор. Некои деца можеби мислат на удирање или туркање, некои пак на обраќање без почит. Најдобро е децата да бидат директно прашани што мислат. Недоразбирањата и лошата комуникација се најголемите проблеми во односите и браковите, па потребна е поголема јасност, за и детето да дознае што значат одредени зборови.
Не здружувајте се со вашето дете против другиот родител
Освен ако родителот не е насилен, занемарува или на кој било начин е незбезбеден, не здружувајте се со вашето дете против него. Дете од трето одделение ми рече: „Мојот татко не дозволува често да ја гледам мојата мајка. Таа само што излезе од болница и мене секогаш ми недостига“. Ова не е казнување на мајката, туку на детето. Ако сакате да го сторите најдоброто за детето, мора да најдете здрав баланс помеѓу вашето его и најдобрите интереси на детето. Можен е здрав развод и разделба, но детето мора да види конзистентност од двајцата родители.
Никогаш не ставајте го вашето дете во средината
Дете од петто одделение ми рече: „Мојот проблем е што моето семејство се распаѓа“. Друго момче ми рече: „Мојата мајка и мојот татко не сакаат да си подаваат нешта еден на друг, туку јас го правам тоа наместо нив оти не сакаат да се видат“. Децата не сакаат да бидат во средината. Тоа навистина е неправедна практика за нив и не е во нивен најдобар интерес. Особено е тешко за нив кога родителите бараат од нив да одат на суд за да кажат со кого сакаат да живеат. Мора да ги заштитите емоциите на детето за време на разделбата.
Овие чекори и водичи се наменети да ги зголемат шансите за функционирање во семејството, за да има подобар исход во тешки периоди и ситуации, особено за децата. Ако постапувате така што ги земате предвид чувствата и интересите на детето, тогаш разделбата или разводот може да биде успешно менаџиран.
Автор: Минди Ламперт