Водечкиот американски уролог-педијатар Стив Хоџис објаснува зошто прераното одвикнување од пелени може да направи повеќе штета отколку корист…
Веројатно досега сте слушнале многу аргументи што одат во прилог на што порано навикнување на нокшир. Можеби и сте читале научни истражувања кои докажале дека децата што подоцна почнуваат да користат нокшир може да имаат проблеми во животот.
Меѓутоа, како педијатар-уролог, можам да ви го кажам само ова – децата помали од три години не би требало да ги контролираат своите физиолошки потреби. Од друга страна, во градинките се очекува од децата веќе од три години да умеат да користат нокшир, па така неодамна во Вирџинија тригодишната Зое Росо беше суспендирана затоа што имала физиолошка незгода.
Ризично е да се одложува одењето во веце
Не велам дека малите деца не треба да се навикнуваат на нокшир, секако дека можат. Но, да знаете како да извршите нужда на нокшир не е исто што и да одговорите на нагонот на сопственото тело на разумен начин.
„Не сфаќам, јас не ја наговарам, таа практично сама се тренира да оди на нокшир“, вели една мајка.
Им верувам на тие родители, но за жал, типично е децата што порано ќе почнат да користат нокшир да имаат и многу сериозни проблеми. На мојата клиника гледам околу 100 деца неделно, а половина од нив имаат проблем со дисфункционално празнење – повеќето од нив се навикнувани на нокшир пред третата година.
За да ги разберете ризиците од предвременото навикнување на нокшир, треба да знаете дека сите проблеми, како што се мокрење во кревет, зголемена уринарна фреквенција и инфекции на уринарниот тракт, се поврзани со хроничното задржување на мокрењето и вршењето голема нужда.
Децата (а под тоа мислам на сите деца) не сакаат да ги прекинуваат своите активности за да одат во веце. Кога еднаш ќе научат дека можат да го одложат одењето во веце, тоа ќе го прават почесто и колку што можат подолго. Тоа е ризична навика. Секојпат кога се воздржуваме од мокрење, односно кога го стискаме уринарниот сфинктер (кружен мускул кој е дел од мускулот на карличното дно и кој го опкружува мочниот канал), во нашиот мочен меур се создава отпор. Но што се случува кога мускулите ќе се спротивстават на отпорот? Се случува истото како кога во фитнес-сала правите вежби за мускулите на грбот – мускулите стануваат поголеми и посилни. Но, наспроти мускулите на грбот, поголемите и посилни мускули на мочниот меур не се добра работа. Кога детето го одложува мокрењето со месеци, па и години, неговиот мочен меур станува послаб и може да дојде до губење на мочката или инконтиненција. Од друга страна, хроничното воздржување на вршење голема нужда само придонесува за проблемот.
Тоа исто така предизвикува инфекции на уринарниот тракт. Што поретко детето мокри и оди по голема нужда, поголеми се шансите за развивање бактерии во мочниот меур. Бидејќи тој е сместен на само неколку сантиметри од ректумот, бактериите имаат пократок пат за да преминат на него.
Поради запек, удвоен е бројот на посети на лекар
Во последната деценија се удвоија посетите на лекар поради запек кај децата. Осум отсто од девојчињата имаат инфекција на уринарниот тракт до седмата година, а тоа се годишно милион посети на лекар. Освен тоа, околу 5 милиони деца мократ во кревет, вклучувајќи околу 20 отсто петгодишници, 12 отсто шестгодишници и 10 отсто седумгодишници.
Причината што децата што се навикнувани на нокшир пред втората година почесто имаат проблеми отколку децата што подоцна се навикнувани, според моето мислење, е тоа што тие повеќе месеци сами одлучувале кога треба да одат во веце, пред да бидат доволно зрели да сфатат дека нуждата треба да ја извршат штом ќе почувствуваат потреба. Уште повеќе, мочниот меур се развива 3 или 4 години, а неограниченото празнење (читај пелени) го олеснува развојот.
Родители често ми велат дека нивното дете има проблем затоа што имало мал мочен меур, како тоа да е некој синдром со кој се раѓаат децата. Децата може да имаат намален мочен меур, но тоа е затоа што неговиот капацитет е ослабнат поради воздржувањето.
Дали знаете колку често гледам деца во пелени што имаат инфекција на уринарниот тракт? Никогаш! Дали знаете колку често лекувам деца кои родителите почнале да ги одвикнуваат од пелени? Секој ден. Тие деца зафаќаат една четвртина од пациентите во мојата клиника. Тоа не е случајност и сосема јасно покажува дека навикнувањето на нокшир кај малите деца е многу штетно.
Значи, ако почнавте да го одвикнувате од пелени своето мало дете во втората година од неговиот живот само затоа што градинката го бара тоа, ве советувам да побарате друга градинка.
Доволно е да ја замислите оваа ситуација – своето 3-годишно дете го праќате во сосема непозната средина, можеби првпат во животот, каде што нема ни еден член од неговото семејство, и очекувате дека тоа среде некоја приказна ќе ја прекине воспитувачката или ќе излезе од тврдината што ја направило со своите другарчиња за да бара нокшир? Секако дека нема, ќе трпи колку што може. Кој и да мисли дека оваа идеја е добра, сигурно никогаш не бил на клиника за детска урологија.
Обрнете внимание на навиките на своето дете и почекајте го моментот кога тоа ќе биде спремно да ја совлада оваа задача.