Иако веќе поминаа два месеца од почетокот на учебната година, некои деца и тинејџери сѐ уште може да се борат со анксиозност и депресија. Ако работите се потешки за вас во последните години, не сте сами. Трајните ефекти од пандемијата на ковид-19 ги почувствуваа многумина, но младите во Америка можеби најмногу страдаат. Децата, тинејџерите и младите луѓе доживеале зголемени стапки на анксиозност и депресија од март 2020 година, а самоубиството останува втора водечка причина за смрт кај оние на возраст од 10 до 14 години. Знаците и симптомите на анксиозност може да се појават на почетокот на учебната година, кој е период на транзиција во младоста. Најдобар начин родителите да го поддржат менталното здравје на своето дете е да научат да ги идентификуваат симптомите на анксиозност и да ги поврзат своите деца со начините за грижа за менталното здравје, кога тоа е потребно.

Кои се симптомите на анксиозност? Анксиозноста може да изгледа различно кај секоја личност и често овие симптоми ги рефлектираат промените од типичното или вообичаеното однесување кај детето. Некои од најчестите симптоми на анксиозност и депресија, кои можат да ги забележат возрасните, се:

-Проблеми со спиењето (на пример, тешкотии детето да заспие или има кошмари)
-Избегнување ситуации или активности (првенствено на училиште и оние во кои обично уживале)
-Тешкотии со фокусот и вниманието (на пример, проблеми со концентрирање на задачата или заборавање инструкции)
-Раздразливост (на пример, побрзо да се фрустрира или да има импулсивен излив на бес, за разлика од вообичаено).

Честопати родителите сакаат да знаат зошто децата се вознемирени. Но, многу деца и тинејџери можеби нема да можат точно да објаснат зошто се чувствуваат на одреден начин (всушност, многу возрасни исто така имаат проблем со ова). Родителите можат да помогнат со тоа што ќе прашаат што чувствува нивното дете, физички и емоционално, кога е вознемирено или очајно.

Дали има пеперутки во стомакот, забрзано чукање на срцето или испотени дланки? Кои зборови ги користи за да опише како се чувствува? Дали ја опишува својата вознемиреност како страв, нервоза или грижа? Родителите можат да ги потврдат и да ги означат овие емоции со своите деца или тинејџери и да бидат модел за справување, со објаснување на моментите кога и тие самите се чувствувале вознемирени, или нервозни и како се справиле во таквите ситуации (без да ги избегнуваат). Исто така, може да биде корисно да се разбере кога или во кои околности или ситуации се појавуваат овие чувства. Дали е тоа кога детето треба да оди на училиште? Пред одредени активности? Пред да се сретне со поголеми групи, врсници и или возрасни?

Разговарајќи со децата и работејќи заедно за да ги идентификуваат симптомите и да ги разберат нивните искуства, родителите можат да им помогнат на своите деца и тинејџери подобро да ги разберат нивните симптоми на анксиозност и да побараат помош по потреба.

Како родителите да знаат кога да побараат помош за своето дете? И што да направат за да ја добијат таа помош?

Ако анксиозноста му пречи на детето на училиште и во другите секојдневни активности, можеби е време да побарате помош од експерти. На пример, ако им дозволувате на децата да продолжат да избегнуваат непријатни ситуации, најверојатно анксиозноста ќе продолжи да се влошува. Добивањето грижа за менталното здравје на почетокот на симптомите е многу важна бидејќи раниот третман може да помогне да се спречи влошување на симптомите. Анксиозноста, исто така, често се појавува со депресија, при што симптомите на анксиозност често доведуваат до подоцнежна депресија, па дури и до иден ризик од самоубиство. Раното добивање помош е најдобриот начин да му помогнете на вашето дете да научи здрави вештини за справување, за да управува со својата анксиозност и да промовира подобро ментално здравје. Добрата вест е дека третманите за анксиозност функционираат. Когнитивната и бихевиоралната терапија (КБТ) се златни стандардни третмани за депресија и анксиозност кај деца, тинејџери и возрасни, а постојат и амбулантски клиники кои се специјализирани за КБТ.

Младите сè уште го доживуваат брановидниот ефект на пандемијата и од суштинско значење е да бидеме проактивни во давањето приоритет на менталната благосостојба на младите луѓе. Иако може да биде тешко да се знае од каде да се започне, вие може да играте клучна улога во помагањето на децата, за рано да се идентификуваат симптомите на анксиозност и вашето дете да ја добие помошта што му е потребна.

Автор: Џесика Ли Хамилтон

Извор



912

X