Христина Стефановска, лиценциран психолог

Христина Стефановска, лиценциран психолог

Е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com
Детски психолог

Повеќе од авторот

Движењето на детето треба да биде контролирано, но само на сообраќајници, а не и во паркови, дворови и игротеки

Последните истражувања во областа на невропсихологијата покажуваат дека секоја нова генерација на деца е сè послаба во однос на психо-моторниот развој, а како основен виновник за сето тоа се назначува родителот, токму поради презаштитничкиот однос. Често ги слушаме фразите: „Не трчај“; „Полека, полекаааа“, „Полека, ќе паднеш“, „Пази дупка“, „Бегај оттаму, опасно е“. Така, децата едноставно не го развиваат биолошкиот потенцијал, а и имплицитно им се праќа порака со чувство на страв дека не се способни да се снаоѓаат сами во просторот. На тој начин се саботира нивната спацијална интелигенција, како и животната енергија.

Еве неколку идеи за игри дома: сокријте предмет за детето да го бара, спојте ги столовите во колона како воз и барајте од детето да се вовлекува под нив, залепете пајажина со самолеплив фластер на вратата и барајте од детето да се протнува низ неа, направете линија на подот и одете нога пред нога

Во таа смисла, не само што се попречува нивниот развој туку и се создава преакумулирана енергија која детето нема каде да ја потроши и најчесто ќе ја манифестира во домот – ќе се качува по креветите, столовите, масите, а движењето од соба во соба би му било со трчање. Детето брзо зборува, неговото хранење трае со часови, во кревет, на под… Кај детето се провоцира хиперкинетскиот импулс, поради кој понатаму тоа не би можело да го додржи вниманието, како и емоционалната состојба, т.е. развива импулсивност.
Со движењето е поврзано и спиењето. Често пати родители што се советуваат со мене знаат да кажат дека нивното дете многу доцна или, пак, тешко заспива навечер. Всушност, РЕМ-фазата во спиењето (во која се запаѓа во длабок сон и се сонува) е многу важна за создавање на нервните клетки и таа треба да биде непрекината. А ако енергијата не е ослободена во текот на денот, тогаш таа се реализира во втората половина од ноќта. Тоа значи дека детето има неквалитетен сон, па затоа е раздразливо.
Движењето на детето треба да биде контролирано, но само на сообраќајници, а не и во паркови, дворови и игротеки.

Природата и парковите се незаменливи. Човековиот мозок исто така се развил преку движење. Децата скокале по камења, се искачувале по карпи. Така морале да трчаат и да размислуваат како да се искачат на карпата, морале постојано да ги преиспитуваат своите способности. Она што го гледаме само како едно обично трчање, всушност е подготовка за живот.
Треба да ги научиме децата да мислат, а не да им даваме готови решенија и да им кажуваме долгометражни животни лекции кои честопати и самите се искуствени и субјективни.
Кога не сте во можност да излезете надвор, во природа или во парк, тогаш истите вештини вежбајте ги и дома. Еве неколку идеи: сокријте предмет за детето да го бара, спојте ги столовите во колона како воз и барајте од детето да се вовлекува под нив, залепете пајажина со самолеплив фластер на вратата и барајте од детето да се протнува низ неа, направете линија на подот и одете нога пред нога. Целта е детето низ движење да мисли и да решава проблеми.
Децата мора некаде да се качуваат. Ако не се качуваат на дрвја, тогаш ќе се качуваат некому на глава: родители, учителки, воспитувачки… Дозволете им да се качуваат на дрвја за да ги сочувате вашите глави, а ним да им помогнете во развојот.



912

X