Растењето во позелена урбана средина ја зголемува интелигенцијата на децата и го намалува нивото на лошо однесување, покажува едно истражување.
Анализата на повеќе од 600 деца на возраст од 10 до 15 години покажува дека раст од 3 отсто на зеленилото во соседството го зголеми нивото на интелигенција во просек за 2,6 поени. Ефектот бил забележан и во побогатите и во посиромашните средини.
Веќе постојат значителни докази дека зелените простори ги подобруваат различните аспекти на когнитивниот развој на децата, но ова е првото истражување што ја испитува интелигенцијата. Причината е неизвесна, но може да биде поврзана со пониско ниво на стрес, повеќе игра и социјален контакт или потивко опкружување.
Да се создаде оптимално опкружување за децата што ќе им помогне да го развијат нивниот целосен потенцијал
Зголемувањето на интелигенцијата било особено значајно за оние деца што се на долниот дел на спектарот, каде што малите зголемувања може да направат голема разлика, велат истражувачите.
– Постојат сè повеќе докази дека зелената околина е поврзана со нашата когнитивна функција, како што се способноста за меморија и внимание – вели Тим Наврт, професор по епидемиологија на животната средина на Универзитетот „Хаселт“ во Белгија, каде што било спроведено истражувањето.
– Мислам дека урбанистичките власти и планери треба да им дадат приоритет на инвестициите во зелени места бидејќи вреди да се создаде оптимално опкружување за децата што ќе им помогне да го развијат нивниот целосен потенцијал – додава тој.
Истражувањето, објавено во списанието „Плос медисин“, користело сателитски слики за мерење на нивото на зеленило во населбите, вклучувајќи паркови, градини, улични дрвја и друга вегетација. Просечниот резултат на коефициентот на интелигенција бил 105, но научниците откриле дека 4 отсто од децата во области со ниско ниво на зеленило постигнале коефициент под 80, додека ниту едно дете не постигнало под 80 во области со повеќе зеленило.
Тешкотиите во однесувањето, како што се слабо внимание и агресивност, биле измерени кај децата со стандардна скала за оценување, а просечната оцена била 46. Во овој случај, порастот од 3 отсто во зеленилото резултирал со намалување на два бода во проблемите со однесувањето, во согласност со претходните истражувања.
Пониските нивоа на бучава, помалиот стрес, физички и социјални активности се поврзани со повисокиот коефициент на интелигенција
Истражувачите ги зедоа предвид богатството и нивото на образование на родителите на децата, отфрлајќи ја идејата дека семејствата што се подобро подготвени да ги издржуваат децата едноставно имаат поголем пристап до зелениот простор. Познато е дека повисоките нивоа на загадување на воздухот ги нарушуваат интелигенцијата и развојот на децата, но овој фактор бил исклучен како објаснување.
Наместо тоа, научниците посочуваат дека пониските нивоа на бучава, помалиот стрес и поголемите можности за физички и социјални активности може да го објаснат повисокиот коефициент на интелигенција.
Д-р Метју Вајт, психолог за животна средина на Универзитетот „Ексетер“ во Велика Британија, кој не бил дел од истражувањето, го пофали квалитетот на истражувањето.
– Јас секогаш сум внимателен со терминот интелигенција бидејќи има проблематична историја и лошо се поврзува. Но, ако ништо друго, ова истражување може да ни помогне да се оддалечиме од гледиштето дека интелигенцијата е вродена – може да биде под влијание на околината и мислам дека тоа гледиште е многу поздраво – вели Вајт.
Тој рече дека е разумно да се предлагаат повеќе вежби и помалку стрес како причини за повисоки резултати на интелигенција.
Истражување за деца што живеат во Барселона, објавено во 2015 година, покажува дека повеќе зелен простор е поврзан со подобра работна меморија и внимание. Истражувачите во новото истражување биле во можност да откријат голем дел од факторите што можат да влијаат врз интелигенцијата, но податоците за видот на зелениот простор не биле достапни.