Воспитување

Децата имаат изразено чувство за правда и влегуваат во конфликти. Што може да научат од нив?

Нема родител што нема да каже дека расправиите треба секогаш да се избегнуваат, и тоа по секоја цена. Меѓутоа, факт е дека конфликтите се составен дел од животот, а со тоа и од растењето, и дека преку нив децата учат да ги изразуваат своите желби и потреби, да се борат за нив, но и да ги согледаат ставовите на другата страна.
Преку конфликтите децата „си ги одмеруваат силите“, учат да се проценуваат себеси, а и другите, учат да комуницираат и да се борат за своето место во семејството и во кругот на врсниците. Затоа, конфликтите можат да бидат многу корисно искуство доколку им се приоѓа конструктивно.

Децата имаат изразено чувство за правда и бурно реагираат на некоректно однесување на околината кон нив и кон нивни блиски личности. Во тие ситуации конфликтите се последица на реакцијата на детето на нешто што му е кажано дека треба или не смее да го направи.

Учете ги да поставуваат граници

Кавгите меѓу децата често преминуваат во тепачка, па затоа е важно уште од најрано детство да ги научите дека таквото однесување не е дозволено. Предочете му на детето дека освен физички конфликт, не е дозволено ни уништување на сопствените и на туѓите работи и дека, ако дојде до тоа, ќе мора да ја преземе одговорноста за своето однесување.

Не посредувајте меѓу завојуваните страни

Доколку децата побараат да посредувате во конфликтот, важно е да останете делумно смирени и, ако веќе се вмешате, да помогнете во решавањето на проблемот, а на да застанете на една страна и да пресудите. Секое дете треба да го изнесе својот став и своето гледиште, а вие како возрасен прашајте: „И? Што сега? Како ќе го решиме ова?“

Некогаш тоа е доволно за да се намали тензијата и да се отвори простор за наоѓање решение. Децата знаат со цело срце да ги бранат своите ставови и бескомпромисно се трудат да ја убедат другата страна дека се во право, а тоа прави возрасните да ги изгубат нервите. Меѓутоа, токму тогаш треба главата да ви остане студена, раздвојте ги накратко и дозволете им да размислат и да се смират.

Негувајте хармонични односи во семејството

Важно е детето да расте во средина каде што е дозволено и пожелно изнесувањето на сопственото мислење и изразувањето на незадоволство и несогласување, но на примерен начин. Тоа мора да знае дека ја искажува лутината на вистински начин, дури и кога ви се лути вам, и дека се бори за сопствените ставови. Ако искрено разговарате за несогласувањата, ќе се намали просторот за големи кавги. Важно е да ги научите децата да зборуваат за работите и ситуациите што ги прават среќни или им предизвикуваат лутина и незадоволство.

Исто така, треба да ги научите да ги препознаат чувствата на другите луѓе, лутината, незадоволството, бесот, и во тие моменти да се оддалечат за да се избегне кавга. Најдобро е да го набљудувате однесувањето на другите луѓе и преку пример да му покажете на детето кое е посакувано однесување, а кои се недозволени постапки.

Секако, лошите односи меѓу родителите, негативните изјави за луѓето, коментарите полни со лутина, осудување и повишен тон нема да го поттикнат детето убаво да се однесува при конфликт, па затоа внимавајте каков пример му давате.

Доколку се случи емоциите да ве обземат, објаснете му на детето колку е важно потоа да се извиниш, да се смириш со другата личност и да продолжи нормалната комуникација.

Поврзани написи

To top