Воспитување

Децата играат на отворено и покрај снегот, татковците се грижат за нив… Зошто шведскиот метод на воспитување е успешен

Методите и стиловите на воспитување на децата се разликуваат од земја до земја. Она што за некои земји е нормално, за други може да изгледа чудно, па дури и незаконско. На пример, во некои нордиски земји, вклучувајќи ја и Шведска, сосема е во ред да се остави бебето во количка надвор, на студен воздух. Иако ова е нормално за нив, во други земји е невидено. Во 2011 година една Швеѓанка во САД се соочила со обвиненија за злоупотреба на дете откако го оставила своето бебе во количка пред ресторан.

Постојат многу повеќе работи во шведскиот метод на воспитување и стил отколку само нивното дарежливо породилно отсуство. Ова се предностите што го прават посебен шведскиот метод:

Шведски стил на родителство: лагом

Лагом е шведски збор што значи „умерено“, „совршено едноставно“ или „во рамнотежа“. Швеѓаните се придржуваат до оваа идеологија во речиси сите активности, вклучително и во родителството. Родителите во оваа земја ги сакаат своите деца, но тие исто така сакаат да имаат време за себе.

Децата играат на отворено и покрај снегот и студеното време

Според една шведска изрека, нема лошо време, само можно е облеката да не ви е доволно топла. Без оглед дали врне снег или е сончево, родителите во Шведска им дозволуваат на своите деца да се забавуваат на отворено. И кога времето е студено, децата во градинките остануваат на отворено најмалку еден час на ден.

Децата носат топла облека, вклучувајќи палта, дебели панталони, волнени капи и ракавици. Училиштата имаат сушарници за зимска облека, па така децата ги чекаат родителите во сува и топла облека.

Родителите не ги спречуваат децата да учествуваат во ризични активности

Шведските родители создаваат опуштен простор за децата за тие да се впуштат во авантуристички активности, како што се пливање и качување на дрвја. Интересно, земјата може да се пофали со една од најниските стапки на смртност кај децата предизвикани од повреди во светски рамки.

Мажите се горди што се грижат за своите деца

Во повеќето шведски семејства мажот и жената еднакво ги делат задачите. Мажите се многу горди што ги хранат своите деца, ги преслекуваат, ги земаат од училиште и друго. Во машките тоалети ќе најдете маса за пресоблекување на децата, а мажите можат слободно да го напуштат работното место за да го однесат детето на лекар.

Повеќето шведски родители, вклучувајќи ги и татковците, земаат породилно отсуство за да се грижат за своите новороденчиња. Ова е одличен начин за подобрување на здравјето на мајките. Исто така, постојат голем број придобивки по породувањето. Родителите во Шведска имаат дури 480 дена платено отсуство што можат да го поделат еден со друг. Татковците добиваат 90 дена родителско отсуство што не може да се префрли на партнерката.

Малите деца немаат многу организирани активности

Шведските родители се многу заштитнички настроени кога станува збор за слободното време на нивните деца. Затоа, тие не брзаат да аплицираат за различни воннаставни активности, како што се спортовите, часовите по јазици и слично.

Од друга страна, родителите во многу други земји поголемиот дел од времето го поминуваат возејќи ги своите деца на часови по пијано, фудбал, пливање и други активности. Во Шведска, родителите се порелаксирани и повеќето деца на крајот ќе изберат една активност што им се допаѓа.

Пократок работен ден

Ова е уште една работа што го олеснува родителството во Шведска. Родителите на деца под осум години можат да работат шест часа на ден, наместо осум. Затоа, не им недостига време да се дружат со децата.

Детски права

Реченица што никогаш нема да ја слушнете во Шведска е „децата треба да ги гледате, а не да ги слушате“. Шведските родители ги охрабруваат своите деца да ги изразуваат своите мисли и идеи. Тие им ја даваат поддршката и грижата што им се потребни за да пораснат во стабилни возрасни лица. Всушност, Шведска беше една од првите земји што ја усвои Конвенцијата на ОН за правата на детето. Исто така, Шведска прва ги забрани сите форми на физичко казнување на децата.

Прогласена е за најдобра земја во светот кога станува збор за згрижување на децата и е одлично место и за родителите. Стилот на родителство во оваа земја создава генерации здрави, среќни деца.

Автор: Симон Букс

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top