Интернетот и телевизија на многу родители ќе им бидат првиот избор за да можат да ја организираат својата работа додека децата се дома. Поради тоа, здружението „РОДА -Родители во акција“ од Хрватска составило текст со упатства и попис на страници со корисни содржини за да им помогнат на родителите и на семејствата да избегнат некои од замките што прекумерното време пред екраните и интернетот ги носат со себе.

Составот на ознаки „ПЕГИ“, прифатен во Европа и поддржан од Европската комисија, е смислен за да им помогне на родителите при купување видеоигри и при заштитата на децата и младите. Пред купување преземање и користење игри или други содржини, проверете ја ознаката „ПЕГИ“ и одберете одговорно во согласност со упатствата и предупредувањата.

Ознаките „ПЕГИ“ немаат врска со тежината на играта, туку со примерноста на содржините за одредена возраст. Возрасната ознака потврдува дека играта е соодветна за играчите над наведената старосна група, па на пример, играта со ознака „ПЕГИ 7“ е наменета за деца од седум години и нагоре, додека онаа со „ПЕГИ 18“ е соодветна само за полнолетни лица. Внимавајте при купувањето внатре во играта (in-game purchases) и преземањата на дополнителниот софтвер бидејќи со тоа се менува содржината, па се менува и ознаката за возраста која таа игра првобитно ја добила.

Пребарувачи

На уредот кој помалото дете примарно го користи наместо „Гугл“, инсталирајте пребарувачи наменети за деца, како што се „KidRex.org“ или „Kiddle.co“. Тие имаат подобри филтри за несоодветни содржини. Истото важи и за „Јутјуб кидс“.

„Јутјуб кидс“

Децата го сакаат „Јутјуб“ бидејќи нуди забавни содржини и лесно одбираат што да гледаат следејќи ги предлозите што им ги нуди платформата преку алгоритам. Многу деца го користат од првата година во животот, иако не е препорачливо за деца под 13 години. Се работи за платформа осмислена за возрасни луѓе, па опциите за приватност и повеќето содржини на неа се насочени кон возрасните.

Наш совет е, доколку одлучите да му дозволите на детето да ја користи оваа платформа, да го упатите на користење на „Јутјуб кидс“, која не дава целосна заштита од несоодветни содржини и реклами, но е многу подобра опција од оригиналната. Има низа начини за родителска заштита со кои треба да се запознаете и да ги наместите соодветно на возраста на детето. Но, сепак, вие како родител сте секогаш одговорни за надзор врз детето додека е на „Јутјуб“ , па вклучениот родител и понатаму е најсигурната заштита за детето.

Треба да внимавате и на времето кое експертите го нарекуваат „грин тајм/зелено време“ – време поминато во природа, кое би требало да биде барем еднакво на времето поминато пред екраните. Насоките на Светската здравствена организација се јасни – секојдневно поттикнувајте ги децата на физичка активност и ограничете го седечкиот начин на живот.

Децата на возраст од 5 до 11 години би требало дневно да поминуваат барем еден час во некои физички активности. Во време на пандемијата Ковид-19, следете ги упатствата на здравствените експерти за избегнување собиранки и држење оддалеченост помеѓу луѓето од 1 метар. Носете ги децата во природа, возете велосипеди, избегнувајте места каде што има многу луѓе, како што се игралиштата. Без разлика на временските услови, излегувајте со децата секој ден на свеж воздух. Со тоа ќе придонесете за здравјето на целото семејство, но и ќе го намалите нивото на стрес.

Уште неколку совети за крај:

– Секојдневно дезинфицирајте ги уредите со алкохол.
– Кога детето користи дигитални содржини на интернет, повремено проверете ја историјата на пребарувања и уверете се дека не отворило несоодветни содржини. Доколку видите нешто несоодветно во историјата, најдете соодветен момент за разговор за тоа.
– Обрнете внимание на тоа како се однесува детето во текот и по користењето на дигиталните содржини.

Корисни линкови

Пребарувачи за деца

Проверени содржини за деца

Проверка на соодветноста на игрите и медиумските содржини

 



912

X