Ако речеме Ивица Маринковиќ, на малкумина ќе им текне за кого точно станува збор. Но ако речеме Ивце Пивце, тогаш веќе сигурно ќе се сетите дека се работи за еден од најомилените детски водители и аниматори, во чие присуство децата бескрајно уживаат.
Инаку, Ивце Пивце е вработен во Одделот за маркетинг во дневниот весник „Нова Македонија“, а секој слободен момент од своето време сака да го искористи максимално, и тоа најчесто во друштво на децата од ТВ-проектот „Горе-долу, сите сме еднакви“.
Препознатлив по својот уникатен пристап, Ивце Пивце често презема проекти за компании во чиј фокус се децата, па оттука, тој беше дел и од дружењето со чоколадното млеко на „Бимилк“, брендот „моја кравица“, во рамките на потрагата „Што го буди детето во вас?“
Во продолжение се најинтересните моменти од нашето дружење со малиот и голем Ивце Пивце.
Ти си еден од најпрепознатливите и најобожавани детски водители. Кој е изворот на твојата енергија и како успеваш секогаш да бидеш толку позитивен?
Па, децата – секако!
Јас уживам во нивното друштво, но не како возрасен, ниту како дете… Едноставно уживам со рамноправниот однос што го воспоставив со нив уште од самиот почеток. Тие ме прифатија како некој рамен на себе, ме примија во нивниот свет, за што јас сум им бескрајно благодарен.
Токму затоа и мојот сегашен проект се нарекува „Горе-долу, сите сме еднакви“.
Како изгледа еден твој ден?
Покрај препознатливите работи што се гледаат на медиумите, јас работам и „сериозни работи“, за возрасни (иако, за мене, посериозна работа од работата со деца не постои!), вработен сум во дневниот весник „Нова Македонија“, во делот маркетинг. Цел ден телефони и состаноци со возрасни, за сериозни теми и пари… А, во меѓувреме, на паузи, си ја подготвувам емисијата, си наоѓам песнички, се среќавам со деца, се фотографираме, се смееме, одам по детски родендени и уживам. Играм со сите можни играчки што како дете не сум ги имал. Ха-ха-ха… Еве, да речеме, во последните десет дена бев на роденден и на театарска претстава – детска.
Што го буди детето во тебе?
Секако, пред сè и над сè, децата. Но, неретко и едно обично камче на улица. Ќе си го шутирам сè додека не ми се пикне под автомобил. Кога бев дете, ќе си го извадев некако затоа што тоа ми беше „коњак“ за тој ден, но сега, на овие години (читај – килограми) не, затоа што јас само трипати се наведнувам во денот! Ха-ха-ха! Но, секако, има и други мали задоволства и тајни што прават да се чувствувам како дете. Така, на пример, невозможно е да не се почувствувам како дете и кога пијам чоколадно млеко „моја кравица“. Едноставно, ме потсетува на детство и на екскурзија! Немаше екскурзија моите родители да не ми купеа чоколадно млеко, покрај сите други грицки-мицки, сендвичи, кифлички и слично. И да не набројувам понатаму затоа што списокот е подолг, а се плашам „некого да не испуштам“. Ха-ха-ха! Чоколадното млеко „моја кравица“, секако, беше, а и сè уште ми е омилениот, најсладок дел од секој оброк или ужина.
А, вистина е дека само трипати се наведнуваш?
Наведнувањето за мене е скапоцен лек што го консумирам наутро, попладне и навечер.
Еднаш кога врзувам кондури наутро, еднаш кога одврзувам навечер. Третиот пат е ако ми падне нешто во текот на денот. Некогаш успевам да поминам и само со двапати, но ретки се тие денови кога нема ништо да ми падне цел ден.
Го спомена чоколадното млеко „моја кравица“. Дали редовно го консумираш?
Како што споменав и претходно – чоколадно млекце е она слатко, мало задоволство што сакаш да си го дозволиш секогаш на крајот на оброкот. Го консумирам често и на емисија, а и колегите не го пропуштаат. А, преку ден, кога ќе земе ќерка ми, знам да ѝ „шмркнам“ до половина од чашата.
Кога последен пат се чувствуваше како вистинско дете?
Па, летно време секој ден. Доаѓам од работа и околу зграда милион деца играат со топка. Задолжително по еднаш ќе шутнам или ќе бранам. Но, не знам зошто, никогаш не ми даваат едно крукче со велосипедот.
Сведоци сме на многу ситуации кога се однесуваш како дете. Но, сигурно има некоја најинтересна…
Не знам за најинтересна, но има секојдневни… Се возам со автомобил, мавтаат деца, мавтам и јас, па ќе им дадам и гратис некоја гримаса. Кога се сликаме – правам фаци, да не речам „позирам“. Пред некој ден снимавме емисија, гостуваше важен човек од „политичкиот“ свет. Си направивме уши, онака баш детски со мноооогу смеење!
Често одам и на родендени, се заигрувам и жива вода станувам! Потоа, проблем! Не е тука мајка ми да ми ја пресоблече маицата!
За крај, некоја порака за децата.
Дечиња, уживајте во летото, бидете добри и израдувајте ги вашите родители: барајте им само по едно чоколадно млекце „моја кравица“ (некогаш и по две за поголемо уживање) или по една топка сладолед – но, од сите вкусови. Израдувајте ги и вашите учителки, прочитајте ги лектирите по двапати, со подвлекување, со вадење убави мисли, со сè. А, од вашите баби и дедовци само по стотче од секого. И специјално за сите првачиња… (мисла што ја кажа колегата Марко од емисија): Внимателно, има секакви учителки! Ха-ха-ха!