Зошто децата обожаваат цртани филмови, на кој начин ги одбираат омилените јунаци, дали се цртаните корисни или штетни за нивниот развој? Објасни дефектологот Милјана Цветковиќ од Србија.

Како да се извршат планираните обврски со дете што скока низ домот? Изгледа дека сето тоа може да се постигне ако детето се смири пред ТВ, компјутерот или телефонот. Сепак, речиси и да нема личност до која не дошла информацијата за штетното влијание од долготрајното гледање на некоја програма. Особено се критикуваат родителите чии деца многу време поминуваат гледајќи цртани. Критиките доаѓаат од сите страни, од роднините, порталите што се занимаваат со воспитување и развој, но и од експертите, како педијатри, психијатри, логопеди итн.

Од една страна, родителот се опушта, се одмара, успева да ги заврши планираните обврски, а детето се забавува, па и нешто учи. Еден од значајните фактори зошто гледањето е толку всадено е тоа што претставува обострана корист и задоволство. Сепак, често се зборува дека децата се опседнати со цртани, и покрај обидите на родителите да ги „одвикнат“ од тоа. Едноставно, ништо друго не е толку интересно. Што е причината за тоа? Ова се некои од одговорите:

„Некогаш цртаните беа многу подобри!“ Дали е навистина така?

Па… и да и не. Факт е дека современите цртани влијаат премногу стимулативно. Што значи тоа? Тоа значи дека содржат премногу движења, звуци, ефекти, ликови. Во споредба со оние што беа направени пред неколку децении, тоа е застапено во поголема мера. Тоа е и причината зошто децата ги сакаат толку цртаните и оставаат впечаток дека се опседнати со нив. Се смешкаат додека гледаат, играат на воведната музика, зборуваат со воодушевување за настаните, ги знаат сите имиња што се појавуваат, внимателно ја следат приказната. Изгледаат како да се дел од програмата. Со оглед на тоа дека современите цртани ги имаат сите тие ефекти, како да се очекува денешното дете да се воодушеви од ликови како Попај и други? Веројатноста е многу мала. Кога во нашето искуство имаме нешто што нè импресионирало, воодушевило и го држело нашето внимание, тешко дека ќе се заинтересираме за нешто што нема таков силен ефект.

Во согласност со тоа, вниманието на детето кое често гледа цртани е послабо во споредба со вниманието на оние што слободното време го поминуваат на друг начин. Во споредба со програмата што редовно ја следат, реалноста е премногу пуста и здодевна.

Што ако моето дете почне да се однесува како лик од цртан филм?

Присутноста на агресивното однесување во цртаните е честа тема за која многумина расправаат. Факт е дека децата се одлични набљудувачи и дека усвојуваат однесувања со имитација, но голема заблуда е дека агресијата е производ на новите цртани. Насилните сцени, за жал, ги имало отсекогаш. Уште еден факт е тоа дека насилството во детските програми се појавува околу 14 пати на час, додека алтруистичното однесување е присутно само четирипати во еден час. Конкретно, детето што гледа програми три часа дневно е сведок на 4.380 сцени со алтруизам и 15.330 сцени со насилство во текот на секоја година!

Како децата ги одбираат омилените ликови од цртаните?

Интересен е и изборот на одредени омилени ликови, или идентификацијата со нив. Научно е докажано дека децата ги одбираат омилените ликови според одредени особини. На пример, девојчињата повеќе сакаат реални ликови и настани, додека момчињата одбираат нереални („научна фантастика“). На младите деца омилени цртани им се оние со јасна порака (на пример, Сунѓерот Боб Панталоновски мора да оди на лекар за да се излечи), додека постарите деца ги сакаат и оние чија порака е апстрактна или не е премногу јасна.

Важно! Децата сакаат ликови што личат на нив. Па така, русокосите девојчиња ги сакаат Пепелашка и Елса. Освен физичкиот изглед, некои ликови имаат и „посакувани особини“, па затоа се омилени. Некои од нив имаат особини кои децата сакаат да ги поседуваат. Па така, момчињата како омилени ликови одбираат мускулести, физички силни јунаци.

Што порачува цртаниот филм?

Многу е важно дека на младите деца не им се јасни моралните пораки, туку расудуваат според последиците. Конкретно, ако некој е казнет во некоја епизода, тогаш тој бил лош. Значајно е да се обрне внимание и на пораката што ја испраќа одреден цртан филм. Некои цртани, од новата генерација, содржат одредени непримерни содржини. Таквите содржини се однесуваат на истакнување на половите и сексуалните карактеристики, како и родовите стереотипи. Сепак, постојат одредени програми, обично од едукативен карактер, кои поволно влијаат врз развојот на детето. Научно е докажано дека умереното гледање одредени цртани влијае врз:

– Идентификација на туѓите чувства („Сунѓерот Боб е сега тажен“)
– Учење на морално однесување (Планктон не смее да го краде тајниот рецепт)
– Прифаќање на различностите (цртаниот филм „Дора истражува“ каде што темна девојка од мексиканско потекло е главниот јунак).

Наспроти овие позитивни влијанија, важна е умереноста, односно балансот помеѓу времето поминато во слободна игра надвор или со пријателите и во гледањето цртани. Дури и детето да поминува доста време само, оставете го, не посегнувајте веднаш по далечинскиот управувач или телефонот. Фантазијата најмногу се развива во моментите на досада. Оставете го детето самостојно, преку создавање, да дојде до „забава“, а не пасивно гледајќи во „паметните уреди“.

Милјана Цветковиќ, дефектолог



912

X