Американскиот лекар Вивек Мурти оценил дека децата помлади од 13 години се премлади за социјалните мрежи бидејќи сè уште го „развиваат својот идентитет“. „Мета“, „Твитер“ и многу други социјални мрежи им дозволуваат на 13-годишниците да се приклучат на нивните платформи.

„Јас, лично, врз основа на податоците што ги видов, верувам дека 13 години е прерано… Тоа е возраст во која е навистина важно да размислиме како тие размислуваат за сопствената самопочит и за нивните односи. И често, искривеното опкружување на социјалните медиуми им прави лоша услуга на повеќето од овие деца“, изјавил Вивек Мурти.

Бројот на тинејџери на социјалните мрежи предизвика тревога кај медицинските експерти, кои укажуваат на сè поголем број истражувања за штетата што таквите платформи можат да им ја нанесат на адолесцентите. Првиот човек на американското јавно здравје, Марти, ја признал тешкотијата да се спречат децата да ги користат овие платформи со оглед на нивната популарност, но сугерирал дека родителите можат да успеат ако се претстават со заеднички, обединет фронт.

„Ако родителите можат да се соберат и да кажат дека, обединети, нема да им дозволат на децата да користат социјални медиуми додека не наполнат 16, 17 или 18 години или која било возраст што ќе ја изберат, тоа е многу поефикасна стратегија за да се осигуриме дека нашите деца не се прерано изложен на штетно влијание“, изјавил тој.

Новото истражување посочува дека сурфањето на социјалните мрежи може да ја промени хемијата на мозокот кај адолесцентите. Според студија објавена во списанието „JAMA Pediatrics“, учениците што поредовно ги „прелистувале“ социјалните мрежи покажале поголема нервна чувствителност во одредени делови од нивниот мозок, поради што нивните мозоци со текот на времето повеќе реагирале на социјалните последици.

Психијатрот, д-р Адријана Стејси со години укажува на овој феномен. Стејси, која првенствено работи со тинејџери и студенти, претходно изјавила дека користењето на социјалните мрежи предизвикува ослободување на допамин во мозокот.

„Кога правиме работи кои предизвикуваат зависност, како користење кокаин или користење паметни телефони, нашиот мозок ослободува многу допамин одеднаш. Тоа му кажува на нашиот мозок да продолжи да го користи“, вели таа. „Особено кај тинејџерите, тој дел од мозокот е всушност хиперактивен. Тие не можат да се мотивираат себеси да прават ништо друго“.

Неодамнешните студии покажуваат други начини на кои прекумерното време поминато пред екранот може да влијае врз развојот на мозокот. Кај малите деца, на пример, прекумерното време пред екраните е значително поврзано со послаби вештини за описменување и способност за користење експресивен јазик.

Извор



912

X