На почетокот од 80-тите години биологот Едвард О. Вилсон од Универзитетот „Харвард“ предложил теорија наречена „биофилија“ – дека луѓето инстиктивно се насочуваат кон своето природно опкружување. Многу родители во 21 век сигурно би ја довеле во прашање оваа теорија додека мирно гледаат како нивните деца седат на кауч пред екранот или си играат на бетонски игралишта.

Паниката поради тоа што децата поминуваат премногу време во затворен простор станала толку екстремна што оваа модерна криза доби име: Нарушување од дефицитот од престој во природа.

Можеби е премногу грубо да се нарече овој проблем нарушување, но јасно е дека децата поминуваат значително повеќе време внатре отколку надвор. Ќе се согласам дека тоа во голема мера е последица на технологијата: велат дека детето поминува од 4 до 7 минути дневно во игра на отворено, а дури 7 часа дневно пред екран.

Ричар Лоув, автор на книгата „Последното дете во шума: Спасување на нашите деца од нарушување од дефицитот од престој во природа“, раскажува за дете кое му рекло дека повеќе сака да игра во затворен простор отколку на отворен затоа што тука му се сите тие електрични уреди што му овозможуваат забава.

И додека предградијата и приградските населби и понатаму се шират, природата сè повеќе се намалува – а децата помалку сакаат да поминуваат време во ограден двор, а камоли да ја прескокнат оградата во дворот на соседот или да прошетаат во шума. Наместо тоа, активностите во затворен простор може да изгледаат полесни (не е потребен крем за заштита од сонцето), посигурни и „друштвени“ за децата што растат со социјалните мрежи.

Зошто треба да се извади детето надвор – во природа?

Неодамна студиите откриле корист – дури и нужност – од поминувањето време надвор во природа, како за децата така и за возрасните. Некои тврдат дека тоа може да биде какво било опкружување на отворено – само да сте надвор. Некои тврдат дека мора да биде „зелено“ опкружување – богато со дрвја и растенија. Некаде дури е и покажано дека самото гледање слики со зеленило може да му користи на менталното здравје.

На момент да го ставиме сето ова настрана, повеќето студии се согласуваат дека децата што играат и престојуваат во природа се попаметни, посреќни, повнимателни и помалку загрижени од децата кои повеќе време поминуваат во затворено.

Иако нам сè уште не ни е целосно јасно како престојот во природата влијае врз когнитивните функции и подобрување на расположението – сепак знаеме неколку факти за тоа зошто природата е добра за детскиот ум.

– Гради самодоверба. Начинот на кој децата играат во природа има многу помалку структура од повеќето видови играње во затворено. Постојат безброј начини за интеракција со опкружувањето на отворено, од двор до парк, локална шума или езеро, планина или море – а препуштањето на детето да избере како да се однесува кон природата значи дека има моќ да ги контролира сопствените дела.

– Ги намалува стресот и заморот. Според теоријата за враќање на вниманието, градското опкружување бара насочено внимание, што нè присилува да ги игнорираме работите што ни го одвлекуваат вниманието и да го исцрпиме умот. Во природното опкружување практикуваме внимание без напор, познато како „мека фасцинација“, кое создава чувство на задоволство, а не замор.

– Поттикнува креативност и имагинација. Овој неструктуриран стил на игра исто така им овозможува на децата смислено да комуницираат со околината. Тие можат послободно да размислуваат, да смислуваат сопствени активности и да му пристапат на светот на иновативен начин.

– Овозможува различна стимулација. Природата на прв поглед можеби се чини помалку стимулативна од агресивна видеоигра, но во реалноста активира повеќе сетила – можете да видите, слушнете, помирисате и да го допрете надворешното опкружување. „Бидејќи младите поминуваат сè помалку од својот живот во природно опкружување, сетилата им ослабуваат“, предупредува Лоув, „и тоа го намалува богатството на човечкото искуство“.

– Ги учи на одговорност и однос кон живите суштества. Живите суштества умираат ако се малтретираат или не се згрижуваат на соодветен начин, а довербата во детето да се грижи за растенија од своето опкружување значи дека ќе научи што се случува кога ќе заборави да ја наводнува билката или ако го извлече цвеќето од коренот. Истото важи и за односот кон животните.

Да го научите детето да не згази гасеница е исто толку значајно за детето колку и за гасеницата – Бредли Милер.

– Ги поттикнува децата да размислуваат. Лоув вели дека природата создава единствено чувство на чудење за децата кое ниедно друго опкружување не може да им го овозможи. Појавите што се јавуваат во природата секојдневно ги тераат децата да поставуваат прашања за земјата и животот околу нас.

– Децата се движат. Повеќето начини за интеракција со природата вклучуваат повеќе вежбање отколку седење на кауч. Вашето дете не мора да му се придружи на локалниот спортски тим или да вози велосипед во паркот – дури и прошетката позитивно ќе влијае врз неговата циркулација и здравје. Не само што вежбањето и движењето во природа се добро за здравјето, туку ја подобруваат и концентрацијата кај децата, што е особено корисно за хиперактивните деца.

Значи, иако времето поминато пред екраните е можеби полесниот и попопуларен избор за занимација на децата – важно е да се издвои време за игра на отворено и престој во чиста природа.

Автор: Тамара Николичиќ, биолог

Извор



912

X