Воспитување

Детска количка – до кога?

Интересно е тоа што не постои ни едно научно истражување кое се занимава со оваа тема, па за одговор на ова прашање се водиме од советите на светски познати педијатри. И веднаш ќе кажеме дека не постои прецизен одговор. Не може да се очекува секое дете да напредува со исто темпо. Сепак, постои некоја горна граница која родителите на здраво дете не би требало да ја преминат кога станува збор за возењето со количка.

Продолжувајте го времето за пешачење

Ако одите на кратки релации, до парк или до продавница, детето може да оди, а повремено да се носи в раце. Секој нареден пат кога излегувате може да го забавувате и така да го продолжите времето за пешачење. Замислете го ова: едно двегодишно дете се вози во парк во својата количка и пристигнува за десет минути, за тоа време тоа пасивно го разгледува светот околу себе. Додека, пак, друго дете доаѓа пеш, собирајќи по пат каменчиња, се наведнува да ги истражува инсектите, застанува на секој чекор за да научи нешто ново.
Што мислите, кое од овие две деца повеќе учи и побрзо се развива?

Сенди Њумарк, педијатар од Центарот за интегративна медицина во Сан Франциско, вели дека не постои оптимална возраст кога детето треба да престане да се вози со количка, но генерално тој момент родителите треба сами да го препознаат. Кога детето може лесно да ги помине секојдневните релации (до продавница, парк, градинка), количката би требало да се исфрли од употреба. Сепак, за некоја долга прошетка или патување кога едноставно имате малку време, во ред е привремено да се користи количката.

Професорот Дејм Сали Дејвис од Велика Британија наведува дека децата на тригодишна возраст повеќе не треба да се возат во количка. Тие деца треба да имаат најмалку три часа физичка активност дневно.

Љубопитноста се развива кога пешачат

Со него се согласува и Вилијам Крејн, професор по психологија на Сити колеџ. Тој вели:
– Денешните родители ги возат своите деца во количка долго време откако научиле стабилно да се одат. Секојдневно гледам тригодишни, па дури и четиригодишни деца во колички по парковите. Ова е особено изразено во САД, каде што е спроведено истражување кое покажало дека 95 проценти од родителите на деца помали од една година користат количка, 94 проценти ги користат за двегодишни деца, а 75 проценти за тригодишни. Најзагрижувачки е податокот дека 39 проценти од родителите користат количка за возење четиригодишни деца.
Д-р Крејн вели дека како родител и дедо, целосно ја разбира безбедносната улога на количката. Особено во големите градови. Но додава дека возењето на децата во количка, иако се доволно способни да поминат некое разумно растојание, може да им го разбие нивното природно чувство за слобода и љубопитност.

Поврзани написи

To top