Проф. Горица Поповска-Налевска, доктор по педагошки науки

Проф. Горица Поповска-Налевска, доктор по педагошки науки

Повеќе од авторот

Импулсивноста на децата со АДХД може да предизвика проблеми со самоконтролата

АДХД е хронично невроразвојно нарушување кај децата, односно состојба на централниот нервен систем која главно се манифестира преку: недостиг на внимание, хиперактивност и импулсивност.

Не постои едноставен тест што може да дијагностицира АДХД. Тоа е комплексна постапка во која се вклучени повеќе лица (психолог, дефектолог, социјален работник, психијатар, невролог), која најпрвин мора да ги исклучи сите други можни причини за појава на вообичаените знаци и симптоми на АДХД. Хиперактивноста е најочигледен знак и симптом на АДХД.

Важно е да се знае дека однесувањето на детето не може да се промени веднаш. Некои однесувања се донесени и изградени со текот на годините. Потребно е време за да се видат промените и нереално е да се очекуваат брзи промени

Иако многу деца по природа се поактивни од другите, децата со АДХД може лесно да се препознаат бидејќи секогаш се во движење. Тие ќе се обидат да направат неколку работи одеднаш, постојано скокајќи непланирано од една активност на друга. Импулсивноста на децата со АДХД може да предизвика проблеми со самоконтролата. Тие ги прекинуваат разговорите, го „напаѓаат“ просторот на другите лица, поставуваат ирелевантни и бесмислени прашања на часот. Невнимателноста е еден од знаците на АДХД. Децата се неорганизирани, често губат и забораваат предмети, не слушаат совети и наредби, имаат недостиг на концентрација, тешко се концентрираат на она што им се зборува.

Карактеристики на АДХД

Децата што имаат симптоми на хиперактивност:

• нервозен е и загрижен додека седи;
• постојано зборува;
• црта наоколу, допира или си игра со ништо и сешто наоколу;
• има тешкотии да седи мирно додека јаде, на училиште, додека му се читаат приказни;
• постојано е во движење;
• има тешкотии при правењето тивки задачи и активности.

Децата што имаат симптоми на импулсивност:

• многу е нетрпелив;
• коментира несоодветно, ги покажува своите емоции без воздржаност и дејствува без да мисли на последиците;
• има тешкотии да ги чека работите што ги сака или да си го чека редот за да игра;
• често ги прекинува разговорите или другите активности.

Децата што имаат симптоми на недостиг на внимание:

• лесно може да му биде одземено вниманието, не забележува детали, заборава работи и често преминува од една на друга активност;
• има тешкотии во фокусирањето на една работа;
• по неколку минути му се здосадува активноста, освен ако не работи нешто пријатно;
• има тешкотии во фокусирањето на вниманието;
• има тешкотии во завршувањето на домашните задачи, и често губи работи (пенкала, играчки, задачи) кои му се потребни за извршување на задачите;
• изгледа како да не слуша кога му се обраќате;
• мечтае, лесно се збунува и бавно се движи;
• има тешкотии во процесирањето на информациите брзо и точно како другите.

Хиперактивните деца во семејството

Детето со АДХД може да има тешкотии во соработката со членовите на семејството. Често се случува родителите да ги пробаат „сите“ методи за да ги смират и се чувствуваат неуспешни и уморни. Еден од основните проблеми во врската родител-хиперактивно дете е конфликтот поврзан со непослушност, што може да биде резултат на невнимание, но и на недоразбирање од страна на родителите.
Покрај проблемите во комуникацијата, хиперактивното дете често развива чувство на неправда, односно чувство да се постапува според правила што тој ги смета за неправедени и премногу ограничувачки поради акумулираниот стрес, гнев и чувство на беспомошност. Родителите честопати несоодветно реагираат на однесувањето на детето и се налутени, што резултира со уште поголем гнев кај детето како резултат на ригорозните родителски коментари, одбивања, казни. Се создава затворен круг што резултира со постојани расправии, убедување и „поткуп“ на детето.
Постојаното зборување, бучава, уништување на работите во куќата, скокање, чести повици од училиште поради несоодветно однесување или ниски оценки се многу чести сценарија во семејство во кое расте хиперактивно дете. Понекогаш самите родители се отфрлени од поширокото семејство или пријателите затоа што поради однесувањето на нивното дете тие не биле поканети на разни социјални собири и настани.

Многу родители на хиперактивно дете имаат хронично чувство на несигурност, стрес, замор и беспомошност, што доминира во нивните односи со детето. Родителите што не знаат за какво нарушување станува збор, имаат тенденција да го прогласат однесувањето на детето како лошо, го нарекуваат напад врз нивниот авторитет, а често реагираат и со несоодветни методи, како што се викање, навреда или тепање.
Од друга страна, некои родители го оценуваат однесувањето на своето дете како сопствена вина, како нешто за што тие се единствено одговорни, па затоа почнуваат да се чувствуваат лошо, понекогаш претерано да му попуштаат на детето и да не поставуваат граници.

Проблемот со вина и одговорност, како и самото нарушување многу често е извор на конфликт не само меѓу родителот и детето, туку и меѓу родителите.

Како може родителите да помогнат?

– Важно е да се знае дека однесувањето на детето не може да се промени веднаш. Некои однесувања се донесени и изградени со текот на годините. Потребно е време за да се видат промените и нереално е да се очекуваат брзи промени. Сепак, со упорност и доследност на родителите однесувањето на детето ќе се промени во позитивна насока и родителите ќе имаат пореални очекувања. Неколку совети за родителите:
Запрашајте се: „Што сакам да видам кај моето дете наместо сегашното однесување?“ (На пример, да не ја тепа помладата сестра). Потоа, трпеливо поучете го вашето дете на ова однесување.
– Хиперактивните деца најчесто не реагираат на казна на вообичаен начин, а честопати она што родителот го гледа како казна е награда за детето. (на пр., мајката ја прекинува својата работа во кујната и доаѓа да вика, да му посвети внимание). Затоа, многу е важно да го следите ефектот на избраното однесување и да процените дали нешто е казна или награда за детето.
– Игнорирајте секогаш кога е можно одредено однесување на детето, кое не е загрозувачко (на пр. „Не обрнувајте внимание ако детето скока на неговиот кревет“).
– Бидете свесни за сопственото однесување бидејќи децата го имитираат однесувањето на возрасните. Родител кој не сака неговото дете да вика додека тој вика на детето нема да го постигне посакуваниот ефект.
– Развијте самодоверба кај вашето дете. Хиперактивното дете се сомнева во неговите способности. Ова често го спречува да постигне успех, да ги препознае и прифати оние активности во кои е добро и успешно. Пофалувајќи и забележувајќи ги својствата, однесувањето и достигнувањата на вашето дете, ќе ја зголемите неговата самодоверба.
– Овозможете му на вашето дете рутина, структура и предвидливост. Внимателното планирање на училишна работа, слободно време, активности и домашни задачи имаат позитивно влијание врз хиперактивното дете. Однапред одредена рутина создава основа за учење. Затоа, обезбедете место за учење со минимални нарушувачки фактори.
– Дајте му можност да учествува во задолженијата во домот. Активностите треба да имаат цел затоа што на детето му е потребна неговата напорна работа за да се цени. Дајте му на вашето дете работни места каде што е присутна физичка активност, на пр., фрлање на ѓубрето или расчистување на масата.

Детето учи од секое ваше движење и од секој збор. Затоа е важно:

– упатените реченици до вашето дете да бидат јасни, едноставни и лесни за разбирање, за да може детето да разбере што се очекува од него;
– направете контакт со очите;
– држете ги рацете нежно на неговите рамена додека му објаснувате што сакате да направи доколку одбие да оствари контакт;
– кажете што мислите и размислете;
– наведете ја причината зошто сакате детето да направи нешто;
– бидете смирени и решителни, избегнувајте навреди, викање, расправија; ако сте премногу лути и возбудени, повлечете се и подоцна вратете се на разговорот;
– Ако веќе имате добро искуство со некои инструкции и зборови, продолжете да ги користите и не менувајте ги.



912

X