Истражување на „Си-би-ес њуз“ открило дека во Демократска Република Конго се користат деца за опасно ископување на кобалт. Кобалтот се користи во речиси сите батерии од познатите уреди, како мобилни телефони, лаптопи, па дури и електрични возила. Извештај од „Амнести интернешнл“ открива дека кобалтот што го ископуваат децата често завршува во продукти од компании како „Епл“, „Мајкрософт“, „Тесла“ и „Самсунг“.

Екипа на „Си-би-ес њуз“ отпатувала до Конго за да го следи комплексниот синџир на ископување и производство. Новинарката Дебора Пата известила дека поминале неколку години откако бил објавен извештајот на „Амнести интернешнл“, но Конго е земја во конфликт и е тешко, а понекогаш и опасно да се известува оттаму. Медиумот открил дека местото изгледа како Дивиот Запад. Деца копале и работеле во езерата барајќи го „богатството“ во „игралиштето од пеколот“.

Работата е тешка дури и за возрасен маж, но е незамисливо да ја извршува дете. Сепак, десетици илјади деца од Конго се вклучени во секоја фаза од ископувањето на кобалтот. Последното истражување на УНИЦЕФ проценува дека 40 илјади деца работат во рудниците во Конго. Повеќе од половина од кобалтот во светот доаѓа токму од оваа земја, а 20 отсто од количините се ископуваат рачно, според истражувачката компанија од Лондон чија специјалност е кобалтот – „Дартон комодитис“.

Новинарката Пата и нејзиниот тим патувале по валканите патишта во земјата и насекаде забележувале деца што копале кобалт во напуштените рудници. Јасно било дека безбедносните власти се главни таму, а само некои од нив биле во униформи, па и дека имаат нешто да сокријат. На секои стотина метри медиумската екипа била сопирана, иако екипата имала и официјална дозвола да биде таму.

За кинеските посредници нема таква забрана, тие имаат слободен пристап за да купуваат кобалт. Во рудниците децата, кои имаат само десет години, влечат тешки вреќи со кобалт за да биде измиен во реките. На возраст од само четири години веќе ги креваат парчињата од куповите кобалт. Дури и оние најмалите, кои сè уште се покрај мајките и играат на валканите површини, поминуваат поголем дел од денот дишејќи токсични гасови. Властите негираат дека постои злоупотреба на децата, но јасно се гледа дека се случува спротивното. Кога и да се појави камера, безбедносно лице или полицаец, децата веднаш се разбегуваат.

фото: „Си-би-ес њуз“

Зики Свазе (11) се согласил да се сретне со новинарката Пата надвор од рудниците за да зборува за работата што ја врши. „Моите родители се мртви“, објаснил тој кога бил прашан зошто не оди на училиште. Живее со својата баба и обезбедува примарен приход од работата со кобалтот.

Новинарската екипа прашала повеќе компании дали во нивните производи се користи кобалт кој го ископуваат деца. Сите компании го признаа проблемот со набавување, но истакнаа дека бараат од сите снабдувачи да следат упатства за набавување од изворите.

Од компанијата „Епл“ истакнале дека индустријата ја водат според стандарди во однос на синџирот на набавки, а минатата година го прекинале договорот со најголемиот набавувач на кобалт преку занаетчиско ископување. Од „Мајкрософт“ истакнале дека не толерираат злоупотреба на деца и дека соработуваат со невладиниот сектор за да се елиминира тоа. Од „Самсунг“ истакнале дека го мапираат синџирот на снабдување, а од „Тесла“ објасниле дека снабдувањето го извршуваат возрасни лица, но и дека имаат многу мали количини кобалт во нивните батерии.

Истражувањето на новинарскиот тим покажува колку е комплицирано да се најдат децата што обезбедуваат кобалт во синџирот на глобално снабдување. Тимот го следел целиот процес – од напуштањето на кобалтот од рудниците до секое носење до достапното средство за транспорт, вклучувајќи ги и велосипедите. Вреќите веќе биле измешани, без никакви ознаки – правејќи го невозможен процесот да се дознае кој ги ископувал минералите што се наоѓаат внатре. Кобалтот се носи на голем пазар каде што го купуваат кинески компании за екстремно ниски цени. Новинарската екипа сакала да види дали постои можност да се провери на пазарот дали кобалтот бил ископуван од деца, па тимот на новинарката Пата се вратил повторно со скриена камера.

Кога понудиле да продадат камион полн со кобалт, никој не ги прашал кој го ископувал, само каков е квалитетот. Еден човек рекол дека кинеските трговци на пазарот го купиле сиот кобалт и ѝ го продале на кинеска компанија позната како КДР. Се работи за компанија чиј сопственик е кинескиот гигант „Хуајоу“, од каде што истакнале дека престанале да купуваат од тој пазар и поставиле детална програма за да се елиминира злоупотребата на децата во нивниот синџир на снабдување.

фото: „Си-би-ес њуз“

Но, за овој процес на барање кобалт една работа е јасна – децата сè уште се тука носејќи ја тежината на нашиот свет со висока технологија на своите мали рамена. Од „Си-би-ес њуз“ зборувале со осум големи електронски и автомобилски компании што биле поврзани со овој снабдувачки синџир, па иако се приклучиле на многу иницијативи што сакаат да го решат овој проблем, во рудниците што ги посети Пата  забележала многу малку докази за тврдењето дека некој се обидува да им помогне на овие деца.

Зборувала и со „Пакт“, невладина организација што работи со „Епл“, „Мајкрософт“ и „Хуајоу“. Организацијата ја опишала поддршката од овие мултинационални компании како „капка во океанот“ бидејќи безброј други компании го купуваат кобалтот ископуван од рацете на деца.

Автор: Дебора Пата, „Си-би-ес њуз“



912

X