Природно е да бидете внимателни кога треба да се воведе риба во менито на децата. Од една страна, таа е богата со многу хранливи состојки, а од друга страна, може да содржи опасни хемиски елементи, на пр. жива. А бидејќи за таквиот страв нема причина, нутриционистите и педијатрите советуваат заедно со децата да уживате во рибата и во рибните специјалитети, но внимателно одбирајте што ќе купите. Најмало количество на жива содржат лососот, бакаларот и сомот, па можат да ги јадат и трудниците и малите деца.

Рибата содржи протеини и помалку масти и холестерол од месото. Таа е извор на витамини од групата Б, на калциум и витамин А, а масната морска риба изобилува со омега 3-масни киселини, па сето тоа заедно го зајакнува имунолошкиот систем.

Како и возрасните, и децата би требало да јадат риба 2-3 пати неделно, со тоа што количината мора да биде приспособена на нивната возраст:
– до 6 години – до 150 г неделно;
– од 6 до 8 години – 200-250 г неделно;
– постари од 9 години – околу 350 г неделно, а тоа е препорачана доза и за возрасни.

За жал, повеќето деца не сакаат да јадат риба, а на родителите не им е лесно ни да ги натераат да пробаат, па затоа треба да ја сервираат рибата со нешто што го сакаат децата, на пример, компири и салата.
За децата приготвувајте што посвежа или добро смрзната риба, која по одмрзнувањето не смее повторно да се замрзне.

Рецепт: Лосос во млеко
Овој рецепт сигурно ќе им биде вкусен на децата.
Потребни се:
100 г лосос
100 г замрзната пченка
1 компир од средна големина, излупен и исечкан на коцки
1 шолја млеко
2 лаврови листа.

Варете ја рибата во млекото околу 10 минути, а компирот во посебен сад варете го со лавровиот лист. Извадете ја рибата од млекото, а компирот од водата. Во млекото додајте ја пченката и варете 2-3 минути, па вратете ги сите состојки и малку згмечете ги. Послужете го јадењето топло.



912

X