Деца од 10 години користат кремови против стареење поради притисокот на социјалните мрежи, предупредуваат експертите. Според дерматолозите, социјалните мрежи ги популаризираа производите како ретинол, кој е форма на витамин А. Таквите работи можат да бидат корисни за кожата која старее, но може да предизвикаат црвенило, лупење и исип на детските лица.

Исто така, дерматолозите велат дека тинејџерите ризикуваат влошување на акните со користење непотребни и скапи производи.

„Постојат деца со голема рутина за нега на кожата. Тие го чистат своето лице, користат серуми, тоници, а потоа ставаат хидратантен крем и крем за сончање во текот на летните месеци“, предупредува д-р Ема Веџворт.

Таа истакнува дека децата бараат од родителите да им купат скапи производи за нега на лицето бидејќи тоа го гледаат на социјалните мрежи. Сепак, некои од овие производи може да ја иритираат кожата на децата во периодот пред пубертет и да ги блокираат порите кај тинејџерите со помрсна кожа, што пак ги влошува акните.

„Свесна сум дека постои тренд меѓу тинејџерите кои ги покажуваат своите луксузни рутини за нега на кожата, особено на Тик-ток. Мислам дека е важно да се нагласи дека рутината за нега на кожа на 13-годишна возраст треба да ѝ дава приоритет на основната хигиена. Тинејџерите понекогаш се премногу загрижени за предвременото стареење“, коментира дерматологот Ањали Махто.

Дерматолозите тврдат дека тинејџерите треба да бараат стручен совет за проблемите како што се акните.

„Многу деца внимателно ја проверуваат својата кожа барајќи несовршености и флеки, што е сосема непотребно на оваа возраст“, ​​заклучила д-р Веџворт.

Извор



912

X