Воспитување

Кај наградите и кај казните важат исти правила

Според бихевиоралните теории во психологијата, модифицирањето на однесувањето на детето се постигнува по пат на награди и казни, при што постојат два вида казни – казнување со задавање непријатни активности (на пример, додавање дополнителни обврски дома) и казнување со забрана на пријатните активности (на пример, забрана за излегување или играње на компјутер).
Иако модерната педагогија ја потенцира модификацијата на однесувањето примарно, дури и исклучиво по пат на наградување, останува фактот дека родителите често грешат при наградувањето, како и при казнувањето, па казните често се преблаги или престроги, а наградите преголеми.

И при наградувањето и при казнувањето на детето треба да му е јасно точно за кое однесување се наградува или казнува, и тоа би требало да е соодветно на интензитетот на однесувањето. На пример, ако родителот еднакво се лути – што исто така е казна – кога детето ќе излаже за оценка, кога ќе го удри помалото братче и кога нема да ги собере играчките, детето нема да успее да научи кој од тие прекршоци е поголем, а кој помал.
Исто така, родителите се склони премногу да ги снижуваат критериумите за наградување – на пр: „Немој да го повториш одделението и ќе добиеш нов лаптоп“. Често и не се доследни при казнувањето, ја укинуваат казната и без детето да го заслужи тоа (на пр., забраната за излегување поради лоши оценки, која се укинува по два дена затоа што детето го замолило родителот да му дозволи да се дружи со пријателите, иако единиците не се поправени…)

 

И казните и наградите кај децата треба да бидат:
– Доследни – односно треба точно да се знае кое однесување каква последица ќе има;
– Правовремени – наградата или казната треба да следува непосредно по однесувањето, а не по неколку дена;
– Степенувани – треба да биде јасно дека за поголем прекршок следува повисока казна, односно колку што е поголема заслугата, толку поголема ќе биде и наградата;
– Примерени – никако не смее да се употребува физичко казнување и да не се претерува со наградите како претходно споменатиот лаптоп.

Важно е да се има на ум дека и пофалбите од родителот, насмевката и заедничкото дружење исто така се награди, а дека лутењето и разочарувањето на родителите се казна исто како и забраната за излегување.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top