Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Mоето синче има 4 години, кога е умен, е супер дете, послушен, си игра, црта, бои, реди коцки. Секоја игра кратко трае и кога ќе му здосади, почнува да се турка, удира, скока врз сите, со главата се турка во нас. И со добро му кажуваме дека не е убаво така да прави и ред други работи, но тој уште толку збеснува, не дава да му се преправи нешто или совет да му дадеш. Не знам што е најдобро да се направи.

Прашува: Ива

ОДГОВОР: Имате здраво и активно дете кое добро се развива. Ќе се согласите дека децата не можат постојано да бидат умни, послушни и мирни.
На возраста во која е вашето синче децата се енергични, со бујна фантазија и многу често не се заинтересирани за целосно завршување на она што ќе го почнат и бргу преминуваат на следната работа, игра… Сакаат сè што е ново, сакаат авантури, да експериментираат. Сакаат да се смеат, понекогаш дури и хистерично, кога се лути, удираат, клоцаат, плукаат, некои може да сакаат насилни приказни со многу акција, што претпоставувам го игра и со вас. Имаат голема енергија што понекогаш ќе ви се чини дека е во вечно движење, сака да трча, скока, да се искачува.

Билјана Манасова-Јовановиќ

На дневна основа, секое дете копнее по физичка врска со своите родители, а тоа му помага да се ослободи од стравот и вознемиреноста, да се чувствува сакано и поврзано. Поради тоа, кај машките деца често се појавува желба за груби спортски активности, игри со родителите, како што и сами споменавте, се турка, удира, скока врз вас, сака да се бори. За него, тоа е чиста забава, тогаш се кикоти, смее, заборава на сè и ужива во интеракцијата со вас. Оваа игра е многу природна и доаѓа од нашите примарни корени, а почеста е кај помеѓу момчињата.

Нормално е да сте загрижени и да стравувате дека детето ќе стане насилно и импулсивно, но овој начин на груба игра ги прави децата да развиваат поголема емоционална интелегенција, физички се поспремни и се посреќни. Иако се чини дека е доста брутална играта, таа во себе има координација на три аспекти на човечката интелегенција, физички, социјален и когнитивен.

Но, бидејќи малите деца сè уште немаат развиено доволно чувство за простор и простор на другиот, како и соодветност, не знаат колку тој допир кога туркаат и скокаат е добар или лош, па мора ние да ги научиме.

Треба да го научиме детето да не ја преминува линијата од борење и игра во удирање и повредување. Затоа е добро да поставите основни правила, не смее да се повредува, на пр: без удирање, клоцање, гризење или влечење на коса. Создајте безбеден простор каде што може да се бори и додајте некое правило кое ќе користи во дадената ситуација.
Би било добро наместо да ја запирате оваа игра која му е потребна, да се вклучите и да играте и вие и таткото или дедо, вујко…, да давате да ве победи, но секако не секогаш, со тоа ќе ја зголемува својата самоконтрола и самодоверба, ќе учи за успехот и неуспехот и дека честопати неуспехот е привремена состојба и дека победата ја носи оној што издржува и учи од своите грешки.
Да покажете дека ве заболува кога ја поминува границата, со тоа ќе учи да биде емпатичен и да сочувствува, да биде правичен.

Играјте скокоткање во борба, тогаш и вие и тој ќе учи кога е доста, ќе вреска, ќе се смее, но ќе каже не, со тоа детето ќе става граници до каде да се оди. Или направете договор за „стоп“, „пак“, „доста е“. Играјте пирати, борење, борба со перници и многу други игри.
Туркајте се и борете се, на овој начин му помагате на своето дете да ја развива и зајакне својата еластичност и своите потенцијали. Оваа игра е спонтана и импровизирана, затоа забавувајте се.

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X