Кога нашите деца се мали, обично ни е едноставно и лесно да планираме и да поминуваме квалитетно време заедно. Постојат многу можности, дури и за вработените родители и оние што работат надвор од домот. Клучот е секогаш да го препознаеме, а потоа да го искористиме моментот, што значи да ги спуштиме нашите технолошки уреди, да го расчистиме нашиот ум колку што е можно повеќе и да му го дадеме целосното внимание на нашето дете.

Златниот стандард за квалитетно време не се дефинира само со смеење и гушкање со децата. Всушност, овде многу повеќе станува збор за подобрување и зајакнување на односот што го градиме со нашето малечко, и тоа не само преку овие прекрасни моменти, туку во секоја пригода (особено во тие „незгодни“ ситуации).

Квалитетното време со децата бара родителот да биде лидер

Квалитетното време со нашите деца често значи да ги водиме. Нашата работа како родители е да ги поддржуваме и охрабруваме да учествуваат во рутините како што се облекување, капење или менување пелени. Тоа може да значи и поставување и спроведување граници. Ако им пристапиме на овие задачи како самоуверени, искрени, емпатични лидери, ова навистина станува квалитетно поминато време.

Квалитетно време „детето бара нешто“

Специјалистот за доенчиња Магда Гербер ова квалитетно време го нарекува „детето бара нешто“. Иако ваквите моменти не се баш најпријатни, сепак децата ги доживуваат овие „размени“ како позитивни. Кога им се пристапува со почит и емпатија, предизвикувачките ситуации како овие ја продлабочуваат нашата врска исто толку, ако не и повеќе, отколку оние убави моменти заедно.

Квалитетно време „на детето ништо не му треба“

Друг тип квалитетно време што им е потребно на нашите деца (што е полесно да се препознае за повеќето од нас) е она што Магда го нарече „квалитетно време кога детето не сака ништо“ – само да бидеме таму. Повторно, работата на родителите е да ги отстранат одвлекувањата и да бидат целосно присутни. Се опуштаме, го гледаме нашето дете додека игра, го држиме в скут. Веруваме дека моментот е совршен токму таков каков што е. Овие периоди на квалитетно време се исклучиво за наше уживање и се награда за сета напорна работа, посветеност и труд што ги вложуваме како родители.

Но, децата растат…

Како што растат нашите деца, така можностите за секаков вид квалитетно време стануваат сè поретки. Сè уште можеме да бидеме целосно присутни и достапни, на пример, за време на оброците, утринските честитки и моментите на „добра ноќ“. Меѓутоа, освен овие моменти, можеби нема да има други очигледни периоди или моменти на поврзување со децата во нашите секојдневни рутини.

Малите деца кои упорно го бараа нашето внимание стануваат тинејџери на кои нашето внимание не им е толку важно. Сега ретко ќе бараат од нас да ги анимираме. И во ситуации кои бараат од нас да бидеме „цврсти“ и да поставиме граница за некое однесување што нè загрижува, најверојатно ќе наидеме на гнев, негирање и отфрлање. Дури подоцна, можеби дури и неколку дена подоцна, можеме да почувствуваме суптилно признание од страна на детето, дека можеби сме ја направиле вистинската работа.

Искористете го моментот

Како и да е, квалитетното заедничко време продолжува да биде лепилото што нè поврзува заедно и сè уште треба да инсистираме на тоа секогаш кога е можно. Треба да ги искористите сите тие мали можности помеѓу овие рутини за поврзување. Можеби вашата тинејџерка бара од вас да ѝ помогнете да се подготви за тест? Слушањето лекција по биологија секако не е една од омилените активности на родителите, но важно е дека ви се обратила за помош. Искористете го моментот и уживајте!

Извор



912

X