Воспитување

Детето се буди ноќе, бара млеко, а цица само две минути. Време е за одвикнување?

Ако ноќното хранење трае повеќе од пет минути, тоа значи дека навистина сакало млеко, а дали млекото му е потребно или не, тоа веќе е друго прашање

Вашето дете се буди и по неколку пати во текот на ноќта и пресреќно е кога мајката ќе го надои или ќе добие шишенце со млеко. Но, дали млекото е тоа што навистина му треба на бебето?

Има и други причини зошто децата се будат навечер, но најчестата е бидејќи се гладни. Сепак, докторите советуваат дека ноќното доење и ноќната прехрана треба полека и внимателно да се елиминираат. А, за тоа, велат тие, треба да се има трпение и тактика. Еве ги нивните совети како најлесно и правилно да го одвикнете детето од ноќното хранење:

Кога е време детето да се одвикне од ноќно хранење?

Ако ноќното хранење трае повеќе од пет минути, тоа значи дека навистина сакало млеко, а дали млекото му е потребно или не, тоа веќе е друго прашање.
Во секој случај, почнете постепено да го одвикнувате од млекото. Правете го тоа во временски интервал од една недела или малку подолго и наместо млеко, понудете му вода, како обид да го задоволите.
Ако, пак, ноќното хранење трае помалку од пет минути, веднаш заменете го со тешење како што се, на пример, лулање, нежно тапкање или милување. Тоа правете го седум до десет ноќи, а потоа намалете го периодот на давање таква утеха за детето.

Будењето во различно време значи може да се почне со одвикнување

Ако детето се буди во различно време во текот на ноќта, а не во речиси точни интервали, тоа значи дека е подготвено да почне да се одвикнува од ноќното хранење. На пример, ако детето една ноќ се буди околу 11 навечер и околу 3 по полноќ, а следната вечер се буди околу 1 по полноќ и околу 4 наутро, тогаш тоа е доволен показател дека треба да почне процесот на одвикнување. И кога ќе го почнете, имајте на ум дека мора да бидете истрајни и, доколку сте во можност, да дејствувате тимски со партнерот, бидејќи процесот, иако може да трае само неколку ноќи, не е лесен.

Таткото може многу да помогне

Овој период е навистина тежок за мајката, па затоа таткото треба да помогне. Доколку е во можност, таткото може да спие во собата на детето неколку ноќи по ред, и кога ќе се разбуди детето, да му зборува дека мама спие и дека тој може да му донесе малку вода ако е жедно. Присуството на таткото ќе го смири и ќе го охрабри детето.
Секоја следна ноќ ќе биде полесна и детето ќе се буди сè поретко како што одминуваат деновите, сè до целосно одвикнување од будење за ноќно хранење.

Повеќе дисциплина, помала збунетост

Мора да бидете истрајни во сето ова и запамeтете дека со повеќе дисциплина детето ќе биде помалку збунето. Сепак, дури и кога успешно ќе го одвикнете детето од ноќно хранење, бидете подготвени на тоа дека помалку ќе спиете, бидејќи на детето ќе почнат да му растат заби, може да го боли стомачето или да се разболи…
Понекогаш се тешки и неизбежни плачењето и неспиењето, но за среќа, потребни се само една до две ноќи плачење и рутина од ваша страна кои ќе помогнат детето да сфати дека мама повеќе нема млеко.
И не заборавајте – најмногу ги сакате така што им праќате јасни сигнали дека им помагате ноќта да ја поминат мирно и во безгрижен сон без прекини.

 

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top