За нас што работиме од дома со мали деца, ова не е некоја новост, но луѓето што неодамна почнале да работат од дома сигурно забележале нешто. Детето секогаш сака да биде во вашиот скут – особено кога се обидувате да работите – па дури како да не може да дојде доволно блиску и сака физички да исползи по вашето тело. Зошто децата се толку опседнати со вас?

Причината ќе направи да се чувствувате малку виновни. Д-р Елизабет Бергер, детски психијатар и автор на книгата „Одгледување деца со карактер“, вели дека е едноставно – детето едноставно ве сака. Ах. Но, исто така ви доаѓа да му речете „престани да ме допираш“. Од друга страна, тоа е добро за нив. „Здраво е за децата да сакаат да седат кај нивните родители – бараат внимание, топлина, прегратки, физичка поврзаност и сакаат да им биде дадено внимание“, вели лиценцираниот семеен и брачен терапевт Кејти Зискинд. Додава дека децата ги покажуваат своите потреби за физичко внимание кога седнуваат во скутот на родителите.

Родителскиот скут станува безбедно место поврзано со топлина и убави емоции

Тоа е примарен начин за луѓето и животните да се поврзуваат едни со други, според д-р Лора Вогел, лиценциран психолог и директор на терапевтскиот сервис во Институтот „Моментус“ во Далас, САД. И сето ова започнува од моментот кога ќе се родат. Тоа интимно време поминато заедно е кога децата се хранат, се забавуваат и се утешуваат. Нашиот родителски скут станува безбедно место поврзано со топлина и убави емоции. Така децата учат да ги регулираат своите тела и да ги смират големите емоции. Кога децата се враќаат во нашиот скут, тоа е начин на поврзување или момент за сигурност, вели таа.

Вогел додава дека повеќето од времето причините поради кои нашите деца постојано се обидуваат да ни седнат во скутот се очигледни. Но понекогаш причината е помалку очигледна, па затоа родителите се чувствуваат малку фрустрирано. Кога е така, Вогел вели дека има позитивни начини за да се пренасочи нивното однесување, па додава дека е важно прво да се земе предвид возраста на детето. Ако е помало од 3 години, тогаш таквите моменти на поврзување му се многу важни, вели Вогел. „Тие сè уште учат како да се справуваат со своите емоции и потребно им е возрасно лице да ги поддржи“.

Но, како што детето расте, Вогел вели дека има начини да им се обезбеди таа сигурност и поврзаност додека истовремено ги учиме што значи личен простор. „Еден од пристапите е да се каже: – Сега, мојот скут не е за седење, но можеш да седнеш до мене. За тоа време, фокусирајте се на детето, прегрнете го, остварете контакт со очите, дајте му го тоа што го бара. Ако веднаш го пренасочите да седне до вас и продолжите со тоа што го правите, вашето дете природно ќе бара уште поголема поврзаност, што значи дека ќе сака да исползи до вашиот скут“, вели Вогел.

Ако им се лутите што сакаат постојано да бидат до вас,  уште повеќе ќе сакаат да се поврзат со вас

Ако им ја дадете поврзаноста преку дозвола да седнат до вас, таа „потреба“ се пополнува на различен начин. За ова е потребна практика бидејќи потребно е време додека да се сменат навиките, вели Вогел.

– Она што типично се гледа е родител кој се фрустрира и вознемирува додека го држи детето во скут. Резултат е дете кое се чувствува збунето, вознемирено, а можеби и исплашено. А што прават децата кога се случува такво нешто? Бараа поврзување со родителите, па фрустрираното пренасочување може да ја зголеми желбата на детето да биде во вашиот скут. Ако им се лутите што сакаат постојано да бидат до вас, уште повеќе ќе сакаат да се поврзат со вас – објаснува Вогел.

Добро е што ефектите од оставањето да седат во вашиот скут се минимални – барем за детето. Со текот на времето тие ќе сакаат поголема независност и ќе научат самите да се регулираат, според Вогел. Оваа промена во однесувањето обично се случува кога децата имаат 3 или 4 години, но таа вели: „Ќе има времиња кога постарите деца природно ќе бараат да седнат во нашиот скут. Ова обично го гледаме во периодот пред спиење и други моменти кога треба да забавиме. Има и индивидуални разлики за тоа колку долго децата ќе го сакаат ваквиот вид поврзаност“, вели Вогел.

Не кревајте паника затоа што вашето дете сака да ви седи во скутот и не мислите дека нешто не е во ред. Бергер вели дека е сосема нормално и здраво, но понекогаш е премногу за родител кој е изморен. Односите со децата – дури и деца помали од 1 или 2 години – се двонасочна улица.

Децата заслужуваат да бидат третирани со почит и на пријателски начин да им се каже дека на возрасните им е доволно за денес.

Автор: Аби Бервагер Шриер

Извор



912

X