Еве што можете да направите ако вашето дете одбива да седи во детското седиште во автомобилот, да се вози или да се врзе со појасот:
Децата различно реагираат на возењето во автоседиштата, па некогаш дури и со изразено негодување. Јасно ви е дека безбедноста на детето секогаш е на прво место, но што ако вашето дете упорно го одбива седиштето, негодува, вреска, плаче или ги извлекува рачињата од појасот (ова важи за постарите деца)?
Еве неколку корисни совети:
НАЈВАЖНО: Дури и кога се нервозни, болни или негодуваат од различни причини, не треба да ги вадите децата од седиштето затоа што ако еднаш попуштите и ги земете во вашиот скут, ќе го запомнат тоа и ќе ги повторуваат плачењето и негодувањето бидејќи најубаво им е во вашата прегратка.
Не дозволувајте да ве совлада искушението!
Не е лесно да се слуша детето кога плаче, но важно е да бидете свесни дека плачењето е помалку опасно отколку возењето без појас.
Некогаш тоа може да биде многу тешко и речиси секој од нас барем еднаш се нашол во искушение да го извади детето од седиштето бидејќи не може да го слуша врескањето. Обидете се да најдете начин да преминете преку тоа, правете почести паузи во возењето, засилете ја музиката, дајте му цуцла или нешто друго што помага, но истрајте во одлуката детето секогаш да биде во седиштето.
Критичен период од седум до девет месеци
Критичен е периодот од седмиот до деветтиот месец: научило да седи, сака да гледа низ прозорецот, особено ако има постаро братче или сестричка која седи до него, а е свртена во насока на возењето – тогаш обично многу се бунтува и не сака да биде во полулежечка положба. Тоа што можете да го направите е да го поткренете и да го исправите под агол од 60 степени наместо дотогашните 45.
Некои деца плачат при секое возење во првата година, сè додека се возат во спротивна насока, но има и деца што никогаш не се бунтуваат. Останува да истраете и пред сè да мислите на неговата безбедност затоа што можноста да се случи несреќа е секогаш присутна.
Од петнаесеттиот месец проблемите престануваат
Кога на таа возраст ќе се свртат во правецот на движењето на автомобилот, најчесто престануваат да плачат, но се појавува проблем со извлекување на рацете од појасот. Прво треба да проверите дали појасите се доволно силно затегнати (меѓу клучната коска и појасот треба да има место да се провлече само еден прст) и дали се на соодветна висина (појасот треба да биде малку над рамото на детето – напомена: кога децата се возат во обратна насока од движењето на автомобилот, појасите треба да бидат малку под рамото).
Пет корисни трика:
1. Постепена адаптација
Важно е детето полека и постепено да се навикнува на возење, особено во ситуација кога веќе сте откриле дека негодува при возењето. Тоа значи дека првиот пат треба да седи во седиштето без да возите, а потоа да поминете некоја кратка релација која постепено ќе ја зголемувате.
2. Приказна за мечето
Кај малку повозрасни деца можете да се послужите со приказни или со нивните омилени јунаци. Децата подобро ги прифаќаат приказните што се во трето лице, па наместо да им објаснувате дека може да се повредат ако не се врзани, раскажете им приказна за мечето кое ги извлекувало рачињата од појасот и кога мајката нагло закочила тоа си ја удрило главата од предното седиште и морало да оди на лекар бидејќи многу го болело главчето.
3. Игра на возење
Ако вашето дете одбива да влезе во автомобилот поради некаков претходен страв, пробајте да симулирате возење во безбедна зона – најдобро дома. Играјте си возење, патувајте од точката А до точката Б, купувајте играчки-автомобили, замислувајте дека патувате на убави места, но во таа игра не заборавајте да се врзете!
4. Возењето нека биде забавно
Погрижете се на детето да му биде удобно, пријатно и забавно во текот на возењето. Идеално е мајката да биде покрај него на задното седиште додека таткото го вози автомобилот. Во тој случај присуството на мајката му укажува на детето дека тоа е сигурно и безбедно, а мајката дополнително може да го анимира со играчки, да му пее песнички и слично. Доколку вози мајката, детето нека има некоја играчка до себе и нека биде пуштена детска музика.
5. А вие како сте?
Ако сте нервозни пред секое возење затоа што однапред очекувате врескање, влегувате во маѓепсан круг бидејќи бебето ја чувствува вашата нервоза. Запомнете дека вие сте модел и прозорец кон светот за вашето дете. Затоа, бидете опуштени дури и кога бебето плаче, обидувајќи се да испратите сигнал до него дека сè е во ред. Дури и преголемата анимација на детето знае да ја влоши ситуацијата затоа што детето ќе почувствува дека тоа не е вообичаено однесување. Ако во текот на возењето го извадите од седиштето, вие му праќате порака: дојди, овде ќе ти биде подобро. Затоа, смирено и без попуштање.