Денес секој може да има дете и за тоа не се потребни ниту партнер ниту брак. Секој може да биде родител и без семејство. Иако тоа се големи промени кои тешко се прифаќаат од страна на повозрасните, од децата очекуваме брзо и лесно да се адаптираат на новата семејна реалност, вели доктор Димитрис Анагностопулос, професор по детска психијатрија на атинскиот универзитет и претседател на Европската асоцијација за детска и адолесцентна психијатрија (ESCAP). Тој неодамна во Белград раководел со состанокот на бордот на ESCAP, а во своето интервју за белградска „Политика“ зборува за предизвиците на современото родителство и порастот на психичките проблеми во детската и во адолесцентната популација.

Никогаш немало повеќе книги за популарната психологија, но ниту поголеми дилеми на родителите како да ги воспитуваат своите деца. Многумина се во дилема дали физички да ги дисциплинираат децата и да се однесуваат кон нив како што ги воспитувале нивните родители или, пак, да ги воспитуваат во либерален дух.

Не се работи за „техника“ на воспитување, туку за вредности во кои родителите треба да веруваат. Граници можат да се постават и без користење физичка дисциплина, но тука важи и обратното. Можеме да бидеме неспособни за поставување граници и правила, иако сурово го казнуваме детето. Она на што го учиме мора да биде нашата вредност. Сметам дека не е проблем во тоа што кон децата се однесуваме како да се возрасни – им дозволуваме на спиење да заминуваат по полноќ, да гледаат телевизиски програми наменети за возрасни и да користат паметни телефони и таблети од две или три години. Детето не е мал човек, нему му требаат и љубов и дисциплина.

 

Димитрис Анагностопулос Фото: ESCAP

Често родителите на седумгодишниците велат дека не знаат како да се справат со нив. Ако родителите на тинејџер велат дека ги исцрпиле сите воспитни методи, дали е нормално тие да станале немоќни пред толку мало дете?

Се разбира дека не е нормално. Но, мора да имаме предвид дека родителите биле воспитувани на еден начин, а денес во тренд се поинакви воспитни обрасци. Нема универзален рецепт за воспитување, а за да сфатите кој начин е најпогоден за вашето дете треба да поминувате повеќе време со него. Но, за да бидеме добри родители, мора да бидеме добри луѓе. Погледнете како се однесуваме кон бегалците и имигрантите. Тие се огледало на нашата хуманост. Наместо солидарност и прифаќање, ние често се однесуваме агресивно, како тие да се припадници на понизок вид суштества. А потоа се чудиме зошто ни се агресивни децата.

Кои се главни причини за детската агресија? Се стекнува впечаток дека децата и тинејџерите се многу поагресивни од вообичаено.

Познато е дека отсуството на таткото кај децата предизвикува агресивно однесување, а кај девојчињата – промискуитетно. Ако имаме на ум дека сè поголем број деца растат во самохрани семејства и без присуство на машки модел, не треба да е чудно што агресивното однесување бележи пораст. Во заднината на агресијата најчесто се наоѓа депресија, а таквата депресија може да се дијагностицира преку самоповредување и обид за самоубиство, злоупотреба на дроги и алкохол. Фактот дека врсничкото насилство меѓу тинејџерите е во пораст насекаде во светот значи дека за нашите деца сме создале многу нестабилно и небезбедно опкружување. Тие често чувствуваат дека за нив нема место на оваа планета.
Уште Фројд зборувал дека детето е татко на човекот, а денес ние знаеме дека причината за главните психички нарушувања лежи во детството и првите години од животот. Познато е дека на големата депресија ѝ претходи првата епизода во адолесценцијата, а тоа важи и за манично-депресивното нарушување и депресијата.
Ако навреме почнете да ги разрешувате овие нарушувања, ќе спречите поголеми ментални проблеми на повозрасна доба.

Бегалскиот живот стана реалност за голем број деца. На каков начин таквото драматично животно искуство ја менува психологијата на децата?

Животот на децата се менува преку ноќ, тие често остануваат без семејството и без покрив на главата, и не се во можност да размислуваат за што било друго освен за преживување. Истовремено, тие се и мета на трговците со луѓе и зависи од судбината дали ќе завршат во проституција или на присилна работа. И тоа е траума која ќе го обележи целиот живот на детето. Затоа, сите имаме одговорност да ги згрижиме децата додека се наоѓаат во нашата земја на патот кон подобар живот. Наместо времето да го поминува во бегалски камп, детето треба да биде на школо или во градинка, да се дружи со врсниците и да се чувствува безбедно. Безбедноста е камен-темелник на менталното здравје на поединецот.

Автор: Катарина Џорџевиќ



912

X