Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имаме огромен проблем.. Детето има 3 години и 3 месеци и дијагноза застој во психомоторен развој. Не зборува, не јаде сам, сѐ уште носи пелена.
Проблемот се појавува во градинка од страна на главната учителка во неговата група. Детето некогаш седи со полна пелена до 10 часот додека да дојде негувателката. Исто така седи гладен до ручек затоа што во 10 нема што друго да му дадат да јаде освен некое парче овошје, доколку се најде.
Во последно време почнав да реагирам затоа што со рани ми го враќаат дома од тоа што не е пресоблечен навреме, за повратно да добијам одговор кој јас лично го сфатив како закана дека треба да внимавам како зборувам со нив.

Со директорот на градинката е разговарано неколку пати, меѓутоа, од таа страна се глуви за проблемот што го имаме.
Кажете ми што да направам, како да постапам и каде да се обратам, трауми доживуваме секојдневно, а во последно време и кога го караме, ги крева рацете како да се брани, па ме мачи мисла дали можеби и физички е малтретиран.

ОДГОВОР: Жалам што се соочувате со овој проблем. Верувам дека ви е тешко, дека сте лути и тажни кога не наоѓате разбирање и поддршка од страна на вработените во градинката. Понекогаш револтирани од она со што се соочуваме, имаме одбранбен став во однос на комуникацијата, потрудете се да поразговарате за потребите на вашето дете на мирен начин, со застрашување од страна на негувателките ништо не се решава, а најмалку доброто на вашето дете, а и на секое дете што престојува таму.

Од друга страна, верувам дека вашето дете не е единствено со застој во развојот во градинка, би се прашала како и на кој начин другите деца се згрижени. Би било добро да се обратите до Министерството за труд и социјална политика, во чија надлежност се градинките, за насочување и помош за престојот на вашето детенце во градинка.

Исто така, можете да се обратите до некое здружение доколку постои во вашето место на живеење, да побарате совет или преку нив да изреагирате. Во меѓувреме можете да посетите дефектолог и логопед за да почнете со развојни вежби за поттикнување на развојот на говорот. Секако, и дома можете да правите најразлични вежби, како именување делови од телото, предмети од секојдневниот живот, играње надвор, трчање, скокање, шетање… прашања од типот: Каде е мачето? Што прави кучето? За фината моторика, која директно е поврзана со говорот, можете да редите сложувалка заедно, потоа прелистување сликовница, боење, цртање, изведување активности кои бараат прецизни движења на прстите.

Ако имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација во форма на опширен пишан одговор или пак онлајн средба на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X