Нормално е членовите на семејството да се расправаат и да имаат различни мислења. Сепак, секој е индивидуа сама за себе. Но, можно е она лице со кое мајката најмногу се расправа да биде едно од нејзините деца. Според студијата „Она што најмногу ви пречи за друго лице има некоја поврзаност со вас“, родителите често не ги прифаќаат ставовите на децата или се обидуваат да ги поправат бидејќи се гледаат себеси во нив, што може да доведе до остри конфликти.

Зошто некогаш родителите имаат покомплициран однос со едно од своите деца? Што е „проекција“ во однос на психологијата?

Според психологијата, проекција е одбранбен механизам присвоен од страна на луѓето, кој се случува кога личноста припишува сопствени мисли и ставови кои не може да ги толерира на друга личност. Па така, проектира емоции кои не може да ги прифати како свои, на некој друг. Ова вообичаено се случува бидејќи со прифаќањето на истите, ќе се стави под знак прашалник комфорната зона на личноста, а тоа ќе доведе до анксиозност и стрес. Отфрлањето на одговорноста за негативните аспекти ја спречува личноста да се подобри и да го надмине сето она што ѝ предизвикува непријатност. Сепак, за некои е полесно да ги оттргнат таквите чувства и да ги насочат кон надворешен извор, па следствено на тоа да чувствуваат лутина кон некој друг, отколку да се соочат со реалноста.

Децата го имитираат однесувањето на родителите

Според психологот Марта Сегрелес, многу од однесувањата што ги имаат луѓето, всушност, се наследени од нивните родители. Од детството, децата набљудуваат како нивните родители се однесуваат во различни ситуации. Особено за време на адолесценцијата, кога се утврдува карактерот на секој од нив, децата почнуваат да го присвојуваат однесувањето на нивните родители – начинот на кој зборуваат, на кој реагираат. Дури и расположението на мајката и таткото може да влијае врз емоционалниот развој на нивните деца.

Нормално е во текот на животот луѓето да се навратат на минатото и да не се задоволни со некои донесени одлуки, или начинот на кој реагирале на некоја тешка ситуација, па сакаат да воведат некоја промена. Кога станувате родител и гледате дека вашето дете ги прави истите грешки како вас, автоматски сакате да ги поправите за да се избегне тие да се чувствуваат исто како вас кога ќе бидат постари.

Како може да се реши ситуацијата

Психологот Сегрелес вели дека родителите треба да ги идентификуваат своите сопствени внатрешни конфликти и да ги решат, а потоа да се обидат да ги коригираат своите деца. Сепак, таа вели дека ако се обидете да го оставите минатото зад себе и да напредувате, повторно морате да прифатите дека вашите деца не ви припаѓаат вам. Тие мора самите да носат одлуки и да прават сопствени грешки за да се здобијат со лично искуство.

– Пред да обвините некој друг или нешто друго, обидете се да гледате на проблемот објективно. Ставете се во кожа на другиот пред да судите.

– Евалуирајте го начинот на кој му се обраќате на детето, тонот на гласот, зборовите што ги користите.

– Ако не го прифатат вашиот совет, превртуваат со очите или прават гримаси, запомнете дека веројатно и вие треба да одговорите на истиот начин. Обидете се да не се лутите поради тоа.

– Ако дискусијата е премногу гласна и разменувате зборови кои може да ги повредат чувствата, подобро е да се паузира со дискусијата и да се остави за другпат.

– Важно е да ги контролирате вашите емоции. Колку што сте посмирени, поголемо спокојство ќе му пренесете и на другото лице. Сепак, ако сте вознемирени, вашето дете може да го присвои вашето однесување.

– Поминете квалитетно време со вашето дете. Важно е да утврдите здрава врска со убави спомени.

Учење да се прифати она што ви пречи

Мора да се прифатите себеси и да признаете дека има работи што не можете да ги промените. Оние аспекти што не можете да ги подобрите оставете ги во минатото. Фокусирајте се само на можностите преку кои можете да напредувате.

– Не можете постојано да им судите на другите. Морате да прифатите дека не се сите луѓе исти и морате да ги толерирате разликите.

– Сфатете што е она што ви пречи кај другите луѓе и обидете се да сфатите зошто ги проектирате тие чувства.

– Не претпоставувајте. Ако не сте сигурни за нешто, подобро е да прашате за да знаете.

– Одвојте неколку минути во денот за медитација. Ќе ви помогне да ги разликувате аспектите за себе што ви се допаѓаат и оние што сакате да ги подобрите.

– Бидете свои! Покажете му ги на светот вашите силни страни и слабости. На крајот, и добрите и лошите се нашата основа како човекови суштества.

Се согласувате ли со оваа студија? Дали почесто се расправате со едно од децата и дали сте забележале дека она со кое најмногу се расправате – најмногу личи на вас?

Извор



912

X