д-р Ана Арсевска

д-р Ана Арсевска

Доктор по општа медицина

Повеќе од авторот

Родителите често мислат дека колку е повисока телесната температура, толку е посериозна болеста, меѓутоа, степенот на телесната температура не е показател на тежината на болеста

Температурата не претставува болест, туку физиолошки одбранбена реакција при микробиолошки инфекции (вируси, бактерии, габички). Температурата му помага на организмот да закрепне побрзо, иако кај децата може да предизвика дискомфор. Затоа со намалување на температурата ние ги намалуваме дискомфорот и болката кај децата, а воедно го намалуваме и губитокот на вода, со што спречуваме појава на дехидратација.
Постојат неколку заблуди кај родителите. Тие често мислат дека колку е повисока телесната температура, толку е посериозна болеста, меѓутоа, степенот на телесната температура е показател на тежината на болеста. Исто така, погрешно е мислењето дека многу висока температура ќе предизвика оштетување на мозокот или смрт. Често пати се греши и при третманот, при што родителите настојуваат да се постигне „нормална температура“ (37°C ). Секогаш треба да се насочуваме кон намалување на веќе постојната температура и намалување на дискомфорот, болките и премаленоста кај децата.
Нормалната температура кај децата е околу 37°C. Во текот на денот температурата на детето варира од 36,3°C наутро до 37,6°C во попладневните часови. Вредностите зависат од местото на мерење и нејзина нормална вредност измерена орално (уста) е 36,8°C, под аксила (пазува) е 36,4°C, а ректално изнесува 37,3°C.

За покачена телесна температура се смета: над 38°C ректално или над 37,5°C под пазува!
Доколку вашето дете има температура од 37,5 до 38°С без никакви други придружни симптоми, како премаленост, плачливост, кашлица, течење на секрет од нос, никако не давајте антипиретици! Користете само влажни облоги, водени тушеви со млaка вода, кожни лепенки за разладување и секако внес на течности преку уста бидејќи децата многу брзо дехидрираат. Не се препорачува употреба на алкохол за разладување на телото, особено кај помалите деца, затоа што може да дојде до апсорпција на алкохолот преку кожата и да даде несакани ефекти.

Кога антипиретици?

• Кога температурата е над 38,2°С и без други придружни симптоми!
• Температура над 37,5 °С со придружни симптоми и дискомфор на детето!

Како медикаментозен третман најчесто се користат антипиретици, меѓу кои најефективни се парацетамол и ибупрофен. Употребата на аспирин кај деца под 15 години не се препорачува поради ризик од Рејов синдром (оштетување на црниот дроб).
Секогаш консултирајте се со педијатарот на вашето дете доколку температурата не се намалува и покрај давање антипиретик повеќе oд 24 часа и доколку се појават дополнителни симптоми. Дозирањето на антипиретиците мора да биде според тежината на детето, а не според возраста. Многу продукти за настинка и кашлица содржат антипиретици, па затоа внимавајте да не дојде до дуплирање на дозите и предозирање.



912

X