Воспитување

Детето и телото

Иако зборот „секси“ никако не оди со зборот „дете“, сè поприсутни се тенденциите што ги спојуваат овие два поими, а кои се препознаени како „рана сексуализација“ или „хиперсексуализација“ на деца. Под „сексуализација“ се подразбираат сите оние надворешни влијанија на децата што доведуваат до тоа во онаа доба која не е за тоа соодветна детето да стане претерано заинтересирано за секс или себеси да се доживува како сексуален објект и да сака да биде сексуално привлечно.

Се работи за процес со кој сексуалноста како возрасна тема им се наметнува на деца контаминирајќи го нивното детство и одземајќи им ги безгрижноста и невиноста. Благодарение на медиумите, децата до пубертетот впиваат десетици илјади пораки со сексуална содржина кои го оптоваруваат нивниот несвесен ум и влијаат врз нивното идно доживување и однесување. Како што децата наоѓаат примери кај возрасните, така го имитираат однесувањето на своите примери без вистинско размислување што значи тоа. Голем број деца не наоѓаат примери во своите родители или реални луѓе што ги познаваат, туку во медиумите, филмот, телевизијата и музичките спотови, каде што се нагласени убавината и сексуалната привлечност. Последица од тоа е, на пример, кога петгодишно девојче ја имитира омилената пејачка правејќи ги тие секси движења што  ги забележала кај неа, без свест дека тие симболизираат сексуален чин.

Девојчињата се повеќе загрозени

Пример од медиумите не се само возрасните, туку и сексуализираните деца кои со шминката, облекувањето и движењата ги имитираат сексуално привлечните возрасни лица. Не само што другите деца полесно се поистоветуваат со такви деца, туку и нивното присуство во медиумите на децата им испраќа порака дека таквото однесување е нормално и посакувано.

Општо е мислењето дека девојчињата се повеќе загрозени од момчињата бидејќи опкружувањето од најрана возраст им го наметнува императивот дека мора да изгледаат и да бидат секси за да бидат вредни и прифатени. Пораката е дека само ако се сексуално привлечни ќе доживеат голема љубов, успех и среќа. Колку децата рано ги впиваат овие стереотипи, укажува едно истражување според кое значаен е процентот на девојчињата од шест и седум години кои се несреќни зашто мислат дека немаат доволно вито тело. Истиот тој наметнат идеал за сексуално привлечен изглед, подоцна во пубертетот, може да доведе до анорексија и до желба за естетски корекции.

Еден од виновниците за сексуализација на децата е нивното прерано изложување на порнографски содржини на интернет. Веќе во периодот пред пубертетот голем број деца се под влијание на врсниците и тајно посетуваат порнографски страници каде што стекнуваат прва, искривена претстава за сексуалниот однос. Ваквата прерана „средба“ со експлицитни сексуални сцени кај некои деца предизвикува претерано интересирање за секс.

Некогаш програмите за сексуално образование што не се доволно добро смислени или се засновани на идеолошки претпоставки, без научна основа, имаат контраефект, придонесувајќи за рана сексуализација особено кај најмладата популација – онаа во градинките или нижите одделенија во основното образование. На пример, овие денови има таква програма во Велика Британија, која е предмет на остри родителски реакции и стручна полемика затоа што деца од шест до десет години се подучуваат на самозадоволување. Во многу земји ваквите програми се задолжителни, а оние родители што не им дозволуваат на своите деца да учествуваат во нив затоа што не се согласуваат со нивната содржина се често и остро казнувани.

Непримерно однесување

Веќе кај децата од претшколска возраст може да се забележи непримерно однесување: допирање на интимните делови на другите деца, триење од други лица, имитирање на движења од сексуален чин, сексуално се агресивни кон други деца, ѕиркаат во тоалетите, се однесуваат сексуално провокативно, ставаат предмети во вагина или анус и слично.

Една од доцните последици на раната сексуализација е дека младите многу порано стапуваат во сексуални односи кога уште не се емотивно зрели да ја разберат комплексноста на меѓучовечките односи. Раното сексуално искуство е за младите „доказ“ дека се возрасни и дека не се веќе деца. Нивната незрелост често доведува до промискуитет, согласност за секс со постари лица, склоност кон полово преносливи болести, несакана бременост и слично. Посебно се загрозени оние деца што немаат добар однос со родителите или чии родители во раните фази на нивниот развој не поставувале граници.

Автор: Зоран Миливојевиќ

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top