Децата може да бидат изморени од различни причини, а некои од нив не се безопасни. Доколку се посомневате во некоја, не заклучувајте сами, туку консултирајте се со лекарот

Децата често знаат да се жалат на замор. Најчесто тоа се оние очигледни причини – денот им бил исполнет и напорен или предолго останале будни, па не се наспале доволно. Понекогаш заморот е и изговор да не направат нешто што се очекува од нив. Но, кога заморот станува нешто што е пречесто и секојдневно во нивните животи, па почнува да ги попречува во извршувањето на секојдневните обврски или работи што ги сакаат, тоа е знак за тревога.

Ова се некои до најчестите причини за хроничен замор кај децата:

Проблеми со спиењето

Едноставен заклучок е дека ако детето не спие доволно, кога-тогаш ќе се појави исцрпеност. Како што споменавме, причината може да биде густиот распоред, доцното одење во кревет, често будење во текот на ноќта или нарушување познато како апнеа. Се работи за паузи во дишењето кои се случуваат во текот на сонот. Предизвикувачите на апнеата најчесто се поврзани со зголемени крајници.

Инфекции

Заморот може да биде предизвикан и од некои инфекции, на пример, Епштајн-Баровиот вирус, познат и како вирус на слабоста. За него, како и за низа други инфекции, не постои лек, туку симптомите може да се ублажат со правилна исхрана. Некои вируси може да создаваат проблем повеќе недели, па дури и месеци.

Хронични болести

Една од нив е астмата. Ако хроничните болести не се контролираат, ниту третираат, може да предизвикаат замор. Децата што патат од астма, а кои не се третираат, можат да почувствуваат недостиг на здив, па потоа се чувствуваат изморени. Кај многу хронични болести заморот е првиот знак дека нешто не е во ред.

Анемија

Црвените крвни зрнца пренесуваат кислород до сите клетки во телото. Кога нивниот број ќе се намали, настанува замор. Можете тоа да го проверите ако му направите крвна слика на детето.

Хипотиреоза

Кога штитната жлезда не произведува доволно хормони, метаболизмот на детето може да се забави и се јавува замор.

Проблеми со срцето

Оваа појава е многу ретка кај децата, но слабото срце може да предизвика замор.

Тумори или други сериозни болести

Кај децата се многу ретки, но не треба веднаш да ги елиминирате. Заморот може да биде ран симптом за нешто сериозно и важно е да се реагира навреме.

Депресија, анксиозност и други психички проблеми

Кога животот на децата им изгледа тежок, неправеден, кога се соочуваат со некои проблеми или незадоволство, нивното тело може да реагира со замор. Психичките проблеми се, според истражувањата, најчести причини за детскиот замор, почести од што било друго на оваа листа.



912

X